Ракомет
18. February 2016 - 13:24

Штербик неизвесен за дуелот со Кристијанштад

Македонскиот ракометен шампион Вардар во сабота во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува шведскиот тим Кристијанштад. „Црвено-црните“ по 11 одиграни натпревари имаат шест победи и пет порази, но и заостанување од три бодови зад вториот на табелата ПИК Сегед.

На денешниот прес тренерот на Вардар Раул Гонзалез истакна: 
- Кристијанштад на гостувањето во Скопје ќе игра без притисок од резултатот. Тие се добра екипа, со добра контра. За разлика од претходните натпревари, сега имавме доволно време за тренинг и подготовка. Претходно имавме гостување и патувања. На домашен терен секогаш е добро да се игра пред својата публика. Игор Карачиќ сигурно нема да игра, а и голманот Арпад Штербик има проблем со ахиловата тетива. Тој од понеделникот до вчера не тренираше, а ќе видиме како ќе биде вечерва. Но, задоволен сум од формата на Ангелов и на Милиќ.
За пикерот Мијајло Марсениќ ова ќе биде важен натпревар:
-  Кристијанштад е сериозна екипа, која ќе дојде да игра без притисок од резултатот. Се надевам дека ќе играме добро и да ја спречиме нивната контра. Ние сме фаворити на овој дуел.
Почетокот на натпреварот Вардар - Кристијанштад е во 17:30 часот.