Живот
9. January 2016 - 12:58

Штедење на денот

Времето не зависи од човекот, но со часовниците може да се манипулира. На 30 април 2016, летното мерење на времето ќе ја прослави 100-годишнината, а се уште е во сила.

Прват се појавило насред Првата светска војна кога Германија и нејзиниот сојузник Австроунгарија, одлучиле да ги мрднат сказалките на часовникот еден час напред за време на летото да ја искористат првата утринска дневна светлина и да го зачуваат скапоцениот јаглен за нивните воени цели. Наскоро се придружиле и Британија и повеќето нејзини сојузници. Америка се приклучила во 1918 година.

Кога војната завршила, многу држави се вратиле на стандардното сметање на времето; „летното време“ било повторно воведено во Втората светска војна, а потоа пак било отфрлено по завршувањето на војната. Нафтената криза во 70-ите години пак го врати за постојано кај динамичните западни земји. На места како Екваторот нема корист од тоа бидејќи должината на денот и ноќта не варираат толку во текот на годината, а поголемиот дел од Азија воопшто и не се замараат со тоа.

Оваа идеја постоела доста време пред да стапи во сила. Кога Бенџамин Френклин бил американски пратеник во Франција во 1780, се разбудил рано едно утро и се изненадил што сонцето ѕиркало од прозорецот. Напишал духовито писмо за локален весник со предлог парижаните да се будат на самото изгрејсонце за да заштедат на свеќи. Но тој всушност не предложил менување на сметањето на времето.

Тој план првпат бил предложен на крајот на 1890, од Новозеланѓанецот Џорџ Хадсон, кој сакал подолг ден за да може подолго да се бави со омиленото хоби, да лови инсекти. Неколку години подоцна, англичанецот Вилијам Вилет, и самиот смислил своја шема за штедење на денот во Британија. Младиот Винстон Черчил ја поддржал со објаснувањето дека „позајмуваме еден час од ноќта во април, и и го враќаме со златна камата пет месеци подоцна“. Овој предлог закон бил предложен во парламентот, но ништо не било решено се додека Германија не ја презела оваа идеја која ја зела од рацете на Британија.

Најголемиот аргумент за летното сметање на времето е дека се штеди енергија и ја распоредува поеднакво преку целиот ден, со што се намалуваат ударните трошоци. Дејвид Прирау, авторот на „Зграпчи ја дневната светлина“, најобемната книга посветена наоваа тема, потенцира уште неколку други предности: намалување на несреќи за време на вечерните калабалаци (кога има далеку повеќе сообраќај отколку за време на утринскиот превоз); намалување на криминалот (затоа што ограбувачите сакаат да оперираат во темница, но и не се баш многу радосни ранобудници); унапредување на квалитетот на животот на луѓето затоа што минуваат повеќе време надвор и за време на светлите вечери.

Трговците и бизнисите вклучени во туризмот и спортот воглавно го сакаат летното сметање на времето, како и вработените во градовите. Фармерите главно се противат затоа што им дава помалку време за да ги изнесат своите производи на пазарите секој ден, а нивните крави се понезадоволни заради смената на времето на молзење поврзано со менувањето на времето два пати во годината. На родителите на многу малите деца им е познато ова чувство. Но поголемиот дел од богатиот свет изгледа ги гледа предностите од системот за да продолжат и понатаму, па дури и да го прошират (како што го стори тоа Америка во изминатите години).

Сепак, една од непријатностите е што трансатланската поделеност во менувањето на сказалките предизвикува годишен хаос со распоредите за состаноци. Добар начин да се прослави стогодишнината од штедењето на денот ќе биде умно синхронизирање на менувањето во 2016 година. Невозможно? Само времето ќе каже.