Балкан
11. November 2016 - 21:10

Штајнмајер во Анкара ќе разговара за апсењето на опозициските пратеници

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер наредната недела ќе ја посети Турција, каде со неговите домаќини ќе разговара за апсењето на членовите на турската опозиција и новинари, јави дописникот на МИА од Берлин.

Според портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Мартин Шефер, Штајнмајер ќе отпатува за Анкара веднаш по состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ што ќе се одржи в понеделник во Брисел.

Штајнмајер во Анкара планира да се сретне со претставници на турските власти, на опозицијата и на невладините организации. 

Шефер денеска не ја откри точната агенда на Штајнмајер во Анкара, а на новинарите во Берлин и порача дека „можат да претпостават дека ќе се разговара за апсењето на турската опозиција“.

Десетина пратеници и членови на турската курдска Демократска партија на народите беа притворени минатата недела од страна на властите во Анката.