Македонија
23. July 2018 - 19:38

Штафета на еднаквоста во Струмица

Лицата со попреченост, нивните најблиски, граѓани рекреативци, градоначалници и советници заеднички ја трчаа првата штафета на еднаквоста која се одржа во Струмица. Место штафета носеа пораки  на хартиени срца преку кои порачаа дека и тие се тука, можат и умеат како и сите други во општеството.

Заедно сме посилни, поместуваме планини заедно, инклузија за сите,  се само дел од пораките кои беа пренесени преку патекаата од 550 метри, а кои по пристигнувањето на целат му ги врачија на градоначалникот на Струмица Коста Јаневски.

,, Секој ден пробуваме да го смениме светот во кој што живееме и мислам дека во тоа ќе успееме. Значи,  не одиме на целта да се промениеме ние или нашите деца, туку да го смениме светот во кој што живееме за да створиме услови да живееме подеднакво сите, рече Анче Туфекчиева, Здружение за поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“.

На првата штафета на еднаквоста учествуваа деца од Струмица, Валандово, Радовиш, Штип и Прилеп. Нивните родители велат дека овие настани за нив значат многу бидејќи само така ќе се подигне свеста на сите граѓани за лицата со попреченост и нивните потреби.

,, Сите граѓани на Република Македонија да видат, да се соочат со реалноста како ние како родители се соочуваме со овие деца и да не не гледаат со други очи. Ние сме исти и нашите деца се исти како сите други деца.,, рече Билјана Стојческа, родител од Прилеп.

Организатор на првата штафета на еднаквоста беше здружението за поддршка на лицата со даунов синдром Вера од Струмица. Од таму најавуваат дека ваквите штафети ќе продолжат, а  преку нив освен што повторно ќе испратат порака дека сите се еднакви ќе овозможат спорт,  рекреација и дружење на нивните деца.