Свет
26. September 2017 - 11:00

Шпанските власти бараат каталонските лидери да платат 5,2 милиони евра во врска со референдумот од 2014 година

Неколку дена пред одржувањето на новиот референдум за независност на Каталонија, шпанската управа за приходи побара од актуелни и поранешни каталонски лидери да уплатат гаранција како доказ дека ќе ги подмират трошоците од 5,2 милиони евра за организирање на претходното референдумско изјаснување за независност во 2014 година. 

Шпанските власти ги прогласија за незаконски незадолжителниот референдум одржан во 2014 година, како и новиот закажан за 1 октомври.

На 5 септември управата за приходи побара каталонските лидери, вклучително и поранешниот премиер Артур Мас, од сопствени средства да ги покријат трошоците за организирање на референдумот во 2014 година. 

Доколку иницијаторите за референдумотт не ги подмират трошоците, шпанските власти имаат право да конфискуваат нивни личен имот. 

Во последниов период Мадрид го зајакна притисокот врз Барселона, со цел да го спречи одржувањето на новиот референдум за независност на Каталонија. 

Анонимен претставник на шпанските власти наведе синоќа дека, Владата во Мадрид има направено доволно за да го дискредитира гласањето. 

Анкетите покажуваат дека мнозинството Каталонци се против отцепувањето на регионот од Шпанија. 

Според шпанскиот Устав, одржувањето на такви референдуми е незаконско.