Свет
24. November 2022 - 11:45

Шолц: Путин веќе не може да победи во воjната во Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека рускиот претседател Владимир Путин веќе не може да победи на бојното поле.

На заедничката прес-конференција во Берлин со претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис, Шолц повика на итен прекин на „руското бомбардирање на цивилното население“.

-Фактот што Русија со недели ги фрла своите бомби врз цивилната инфраструктура во Украина не само што е неподносливо, туку и јасно кршење на меѓународното право, рече Шолц.

„Постапките на Русија уште еднаш покажаа колку Путин е безмилосен. Повторно апелирам до Путин да престане со бесмисленото убивање и целосно да ги повлече војниците од Украина и да се согласи на мировни преговори“, кажа германскиот канцелар, пренесен од Дојче веле.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, најави дека наскоро ќе разговара со Путин.

„Имам намера да имам директен контакт со него во наредните денови“, изјави Макрон за новинарите во Париз.

Според Макрон, двајцата лидери ќе разговараат за цивилната нуклеарна енергија и нуклеарната централа Запорожје, откако Русите повторија извршија  напади врз најголемата нуклеарна централа во Европа, што се наоѓа во јужна Украина.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека станува збор за намерни напади, за кои Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат.

МААЕ вчера соопшти дека нуклеарната централа Запорожје повторно е исклучена од надворешното напојување. Централата сега се потпира на дизел генератори за итни случаи.