Македонија
5. August 2022 - 16:38

Шокантни сведоштва за односот на професорите во средното музичко училиште во Скопје

Скандалозно сведоштво на матурантка од средното музичко училиште Илија Николовски Луј ја вознемири јавноста. Ученичката Маја Блажевска обелодени каков хорор минувале со соучениците во изминатите 4 години. Навреди, пцофки, закани, психолошко насилство од професорите во училиште каде се едуцираат идни музичари и уметници. Маја тврди дека 4 години живееле во страв да проговорат за се што трпат во училиштето за да не бидат опструирани и казнети.

 „На ниедно 15 годишно дете не му посакувам за добро утро да слуша пцовки и навреди како глуп, неспособен, хемиски експеримент, бескорисен, дебела, социопат, сељак и куп други што ми е гад да ги набројам, и секој обид за спротиставување на истите да биде проследен со “ќе те паднам година”, “ќе попиеш бокс” и разноразни уцени.“

За ужасот да биде поголем Маја тврди дека директорката била запознаена со се но никогаш не реагирала да ги заштитти учениците.

„Да ве изеде срам за сите деца кои поради психичкото насилство, сопки, завист, селективност и неправда кои ги доживеавме во “Луј” не спиевме, се враќавме со плачење дома, прерано се сретнавме со анксиозност, панични напади, депресивни мисли и ниска самодоверба. Да ве изеде срам за сите талентирани деца на кои им ги срушивте соништата“

На нејзинотот сведоштво со коментари се надоврзаа стотина ученици, родители, музичари згрозени од односот на професорите други со коментари кои го потврдуваат ужасот. Сител се обиде да стапи во контакт со директорката на училиштето Луј, но таа не одговори на нашите повици и смс пораки.

Државниот просветен инспекторат за овој случај велат не добиле пријава. Лани постапувале по  анонимно писмо за наставник кој предава германски јазик но поради не доволно докази и соодветна пријава до стручната служба, инспекторот не  констатирал пропуст во работењето.

„ Самото училиште е предмет на редовен инспекциски надзор, согласно годишната програма на Државниот просветен инспекторат а сме добивале и претставки во однос на кои сме вршеле и вонреден инспекциски надзор но истите биле по друг основ.“

Од ДПИ ги повикуваат засегнатите родители и ученици со конкретни факти да поднесат пријава.