Свет
30. October 2019 - 23:10

Шокантен пресврт: Милјардерот - педофил од Њујорк не се самоубил со бесење во затворот, тврди познат патолог

Долгогодишниот форензички патолог Мајкл Бејден, кого го ангажираше братот на Џефри Епстајн, рече дека некои нови докази говорат дека Епстајн е задавен, а не дека се обисил во затворската келија.

Бејден за Фокс Њуз изрази сомнение во наодите на њујоршките патолози во кои тврдат дека во прашање е самоубиство со бесење.

Извештајот за обдукцијата предизвика многу шпекулации за смртата на Епстајн.

Бејден рече дека „цврсто“ стои зад овие наоди, зошто за 50 години кариера не видел такви типови на повреди кај самоубиство.

Епстајн имал фрактури на гркланот и подјазичната коска. Меѓутоа, тој предупреди дека неговите заклучоци не се конечни.

Епстајн на 10 август е пронајден мртов во неговата келија во затворот Метрополитан, со постелнина околу вратот. Тој во затворот во Менхетн чекаше судење за сексуално злоставување на малолетнички.

Американскиот милјардер претходно беше под надзор поради сомнение дека би можел да изврши самоубиство, откако е пронајден во својата келија со модрици на вратот.

Медиумите претходно пренесоа дека Епстајн бил добро поврзан со богати и моќни луѓе, меѓу кои и претседателите Доналд Трамп и Бил Клинтон, како и британскиот принц Ендру.