Балкан
22. February 2016 - 17:46

„Шок“ во Грција: Ксидакис ја нарекол нашата земја Македонија

„Шок: Ксидакис го нарече Скопје со името Македонија“, со вакви наслови денеска се огласија неколку грчки портали и онлајн изданија на некои медиуми коментирајќи изјава на грчкиот заменик-министер за надворешни работи задолжен за европски прашања Никос Ксидакис.

Според грчките медиуми, Ксидакис дал интервју за словачкиот весник „Правда“ во врска со кризата со мигрантите и бегалците, во кое нашата земја ја нарекол Македонија. „Загрижените“ портали коментираат дека тој бил толку многу задоволен со интервјуто, што го објавил и на неговата Интернет страница.

„Никој ли не се прашува зошто заменикот министер за европски прашања избра во овој момент да го усвои терминот Македонија. Очигледно никој не ‘забележува’ што се случува“, коментираат грчките портали.

Тие се прашуваат дали министерот е информиран за заедничката одлука на советот на политички лидери на Грциа за сложено име со географска одредница и за јасно искажаниот став на премиерот Алексис Ципрас и шефот на дипломатијата Никос Коѕиас за „именувањето“.