Спорт плус
14. October 2015 - 20:03

ШК Алкалоид ги соопшти составот за Европскиот клубски куп

Најуспешниот македонски шаховски клуб Алкалоид ја комплетираше својата екипа со која ќе настапи на најсилното клупско натпреварување – Европски Клупски Куп (European Club Cup), кое годинава ќе се одржи во Скопје, од 17 до 25 октомври.

Покрај претходно најавените петмина силни Велемајстори од топ 50 на светската рејтинг листа, меѓу кои: Евгениј Томашевски, Дмитриј Јаковенко, Василиј Иванчук, Дмитриј Андрејкин и Јури Криворучко, како и македонскитешахисти ИМ Филип Панчевски и ВМ Трајко Недев, ШК „Алкалоид“ добива уште едно меѓународно засилување - кинескиот  Велемајстор Ју Јангји од Кина.

Иако има само 21 година, Јангји е рангиран на 30-то место на светската рејтинг листа со 2.721 поен. Велемајстор од 2009 година, репрезентативец на Кина (која последниве години доминира во светскиот екипен шах) и победник на неколку значајни турнири. Го вбројуваат меѓу перспективните силни велемајстори и е најмлад играч во составот на ШК „Алкалоид“ за ЕКК 2015.

Конкуренцијата на претстојниот ЕКК  2015 ќе биде исклучително силна. Листата ја предводи екипата на двократниот европски шампион „Сокар“ од Азербејџан, а го следат „Сибир“ и „Медни Всадник“ од Русија „Нови Бор“ од Чешка и „Обиетиво Рисарцименто Падова“ од Италија.

Согласно иницијално објавената листа  на организаторот на турнирот, ШК „Алкалоид“ е рангиран на петтото место.