Свет
16. December 2015 - 9:19

Ширењето на НАТО како „бабарога‟ за Русите

Хафингтон Пост - Њујорк

Поканата на НАТО до Црна Гора да стане 29-та членка на Алијансата има значење кое далеку ја надминува оваа балканска земја со големина на Конектикат, се наведува во анализата на Мишел Халкел, професор во Центарот за трансатлански односи на Универзитетот „Џон Хопкинс“.

Наспроти моментната криза во Европа и руското противење, членовите на Алијансата цврсто се држат до суштината на Северноатланскиот договор од 1949 година, кој се однесува на проширувањето на НАТО, на тој начин сигнализирајќи им на останатите потенцијални кандидати, како Шведска и Финска, дека вратата останува отворена и за нив.

Второ, агресивните реакции на Москва покажаа контрапродуктивна несмасност, која ја карактеризира руската политика кон Европа, со која управува Владимир Путин.

Лидерите на државите на НАТО, посебно претседателот на Франција Франсоа Оланд, по масакрот во Париз, не подлегнаа на искушенијата да ја „награди‟ Русија за нивната кооперативност против Исламската држава, така што би ставил вето на на поканата на Црна Гора за НАТО.

Оланд и останатите препознаа дека Москва делува од сопствени интереси, бидејќи на нивниот Северен Кавказ се закануваат џихадистите кои се враќаат од боиштата, исто како и на земјите на Запад.

Малата Црна Гора има горда воена традиција, со оглед на тоа дека во повеќе наврати се бореше против Отоманското Царство, потоа со Австро-Унгарија во Првата светска војна и нацистичка Германија во Втората.

Сепак, нејзините вооружени сили од 2.000 луѓе тешко може да се оценат како закана за Русија, чии граници се наоѓаат стотици милји далеку преку уште три држави. Најблиската руска сопственост е многу вили за одмори, кои богатите Руси ги изградија на црногорскиот брег.

Тие би биле безбедни во Црна Гора во НАТО, како и во становите на руските олигарси во Лондон. 

Сепак, разбирливо е што Русија е навредена од поканата на оваа мала земја во НАТО. Мнозински словенска и православна, Црна Гора има историја на блиски односи со Русија, вклучувајќи ги и двете ќерки на кралот Никола, кои биле мажени за членови на царското семејство Романови во последните денови на царството.

Но, тоа било тогаш, ова е сегашност. Пред две години, кога виде дека Црна Гора се приближува кон НАТО, Москва побара дозвола да изгради база во пристаништето во Бар, што премиерот Мило Ѓукановиќ го одби.

Во периодот пред добивањето на поканата, Москва се користеше со поткупување, поттикнуваше бунтовни демонстрации во Црна Гора и предупредуваше дека влезот во НАТО би претставувало провокација.

Портпаролот на Путин, како реакција на добивањето на поканата, рече дека ќе има „повратни реакции‟. Очекувајте уште демонстрации и други нечисти трикови.

Путин знае дека НАТО никогаш немал офанзивен план, најмалку против Русија. Сепак, проширувањето на НАТО стана „бабарога‟ во Кремљ, додека Путин се труди да го задржи својот авторитарен режим, наспроти санкциите кои следеа по припојувањето на Крим и падот на цените на нафтата.

Бидејќи не е во можност да го задржи падот на животниот стандард во Русија, Путин стана поагресивен во надворешната политика, за да го сврти вниманието на населението ширејќи страв од агресори од сите страни.

Со противењето на ширењето на НАТО, Русија очигледно ја крши меѓународната декларација која ја потпиша пред пет години. Во декември 2010 година на последниот самит на ОБСЕ во Казахстан, сите членки потпишаа Комеморативна декларација, која ја содржи следната реченица: Ние го потврдуваме вроедното право на секоја држава-членка слободно да ги избере или да ги промени своите безбедносни договори, вклучувајќи ги и договорите за сојузништво.

Што се однесува до односите со Европа, Путин својот дипломатски „алат‟ го намали на еден збор: заплашување. Порано оваа година Русија и се закани на Данска со нуклеарни ракети ако се приклучи на антиракетниот штит на НАТО. Провокативните акции се состоеја и во праќањето на борбени авиони да ги следат комерцијалните летови, симулирање на напад на данскиот остров Борнхолб, испалување на мамци на авиони на шведското Воено воздухопловство и влез на подморница во шведските и финските територијални води.

Дури, Москва ја зголеми зачестеноста и големината на воените вежби, чувајќи ги како тајна се до моментот до кога не би требале да почнат - тактика користена во текот на освојувањето на Крим во март 2014 година. Една таква вежба во 2015 година го опфати подрачјето од Арктикот до Црно море, а во неа учествуваа 80.000 војници, Северната флота, стотици тенкови и авиони.

Под водство на САД, НАТО одговори со стационирање на сојузнички трупи кои функционираат по принцип на ротација во Полска и во балтичките држави, со зголемување на зачестеноста на вежбите и јакнење на Силите за брза реакција.

Очигледно би било подобро за мирот во Европа, посебно за руските граѓани кои долго страдаат, кога Путин би ја укинал репресијата во својата земја, како и воената хистерија и би почнал да соработува со Западот околу заедничката закана. До тогаш, воинственото однесување на Русија пружа јасни причини за проширување на НАТО, што е прикажано и со праќањето на поканата на Црна Гора.