Македонија
11. јуни 2021 - 20:46

Шилегов: Скопје е првиот град во регионот кој воведува брз автобуски превоз

По четири години вложување љубов во секое маало, во секое катче од нашето Скопје, разликите се видливи, успеваме да ги претвориме во иднина делата на луѓето без визија и морал кои не затрупаа во камен, стиропор и бронза, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов за време на граѓанската трибина „Најдоброто за нашата општина“

 - Служевме за потсмев во светот додека се буквално се гушевме од невкусот и криминалот кои ни ги продаваа како успешен проект. И токму тоа најмногу ги боли. Оттука е целата таа антипропаганда во која како папагали повторуваат „неспособниот Шилегов, мрзеливиот Шилегов, пијаницата, шајка не закова“, беше искрен Шилегов со граѓаните.

Според него целата анти-пропаганда паѓа во вода кога граѓаните ја гледаат обиколница по булевар Христијан Тодоровски Карпош, кога возат велосипед на булевар АСНОМ, кога се движат по Никола Карев или можеби Босна и Херцеговина.

- Во Скопје четири булевари истовремено се граделе само после земјотресот и денес. Минатата година реконструиравме и градевме вкупно 21 улица. Трамвај во Скопје беше ветување цели 40 години, но ние одиме чекор напред. БРТ системот на брз автобуски превоз популарно наречен „трамвај на тркала“ е на чекор од неговата имплементација, рече тој.

Шилегов појасни дека со потпишувањето на договорот за заем од 70 милиони евра, со поддршка на Владата, процесот на воведување на БРТ во Скопје го доведовме до точка од која нема враќање.

- За четири години од сега ова нема да биде само ветување туку ќе го имаме и првиот патник. Затоа денес со гордост можеме да кажеме дека Скопје е првиот град во регионот кој воведува брз автобуски превоз и единствен во Европа кој е носител на силверлајн во мрежата на зелени градови на ЕБОР.

Тој потсети и дека наместо импровизираните скапи набавки на кинески двокатни дизел автобуси, Скопје денес е побогато за 33 нови еко автобуси на гас од реномираниот европски производител МАН.