Македонија
13. December 2017 - 15:03

Шилегов: Скопјани ќе добијат пречистителна станица согласно европските директиви

Министерството за животна средина и происторно планирање (МЖСПП) и Град Скопје продолжуваат со доработката на документацијата за изградба на пречистителната станица за третман на отпадни води во Градот Скопје.

Ова денеска го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки на потпишувањето на анексот на Меморандумот за разбирање за Студијата за финанисирање, изградба и работа за пречистителната станица за оптадни води, со градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние.

-Со подготвувањето на потребната документација ќе се создаде можност за изнаоѓање на најдобриот начин за финансирање и изградба на пречистителна станица која ќе чини околу 120 милиони евра, рече Дураку и додаде дека очекува договорот за градбата на станицата да биде склучен најдоцна до 2020 година.

Градоначалникот Шилегов појасни дека овој анекс на Меморандумот претставува одредување на временска рамка за преостанатите активности, како и зголемување на грантот за финансирање на овој проект. Информираше дека Владата на Франција обезбедила дополнителни 197.863 евра со што вкупниот грант изнесува 927.182 евра. Жителите на Скопје, рече Шилегов, ќе добијат пречистителна станица во согласност на европските директиви, а воедно и контрола и третман на водите кои се испуштаат во реката Вардар. Целта е, додаде, намалување на ризиците од загадувањето и подобрување на севкупната чистота во градот.

Амбасадорот Тимоние потсети дека овој проект почна во 2014 година и дека се почнати дел од активностите за градба на станицата како што се поготовките за изградба на двата базени кои се придружен дел на пречистителната станица,а се со поддршка на ЕУ. Амбасадорот апелираше, министерот Дураку и градоначалникот Шилегов да побараат поддршка од министерот за финансии Драган Тевдоски за да можат подизведувачите на проектот да бидат ослободени од ДДВ бидејќи, како што рече, ова е донација од Владата на Франција.