Македонија
31. August 2017 - 16:14

Шилегов: СДСМ на изборите со чесна понуда на програма и кандидати

СДСМ на изборите излегува со чесна понуда на кандидати, наспроти криминалните кадри на ВМРО - ДПМНЕ, оцени денеска потпретседателот на СДСМ Петре Шилегов.

Според Шилегов, и на локално и на државно ниво главна одлика на ВМРО-ДПМНЕ се корупцијата, расипништвото, деструкцијата и криминалното работење.

- Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ доследно го следеле примерот на нивниот шеф Никола Груевски и  криминално работеа на штета на осиромашените граѓани. Доказ за тоа се и пресудите против градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески кој е осуден бидејќи работел на штета на општината и граѓаните, како и пресудата за Александар Панов кој бесрамно за време на кампања со црни пари купувал гласови. Доказ за тоа е и случајот „Транспортер“ во кој градоначалникот на Битола, Владимир Талески е првообвинет за криминал тежок над 360.000 евра, наши, граѓански пари, рече Шилегов.

Тој истакна дека наспроти таквиот однос кон државата и општините, СДСМ на претстојните избори ќе излезе со чесна понуда на програма и кандидати кои што се професионалци и признаени во своите професии, личности препознати од јавноста  и подготвени да работат во интерес на граѓаните.

 - Граѓаните ја препознаваат разликата помеѓу нечесното, деструктивно и коруптивно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и одговорното работење на Владата предводена од СДСМ. Затоа, на локалните избори, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочат со политичка, а оние кои што работеле незаконски и со правна одговорност, рече Шилегов.

Потенцирајќи дека Македонија станува функционална држава наведе дека таквиот одговорен пристап и спроведувањето на зацртаните реформи ќе продолжат и на локално ниво во интерес на граѓаните, општините и на државата.