Македонија
27. May 2019 - 13:18

Шилегов: Победа на парламентарните за да го елиминираме простотилакот на ВМРО-ДПМНЕ!

„Прво би сакал да ги разликуваме поимите разрешен, сменет и дадена оставка. Јас заеднно со другите другари, потпретседатели на СДСМ, во текот на минатата недела ги понудивме нашите оставки и вчера Централниот одбор ги прифати тие оставки. Второ, уште пред седницата на Централниот одбор вчера, јас истакнав дека наша задача како луѓе е победата којашто ја имаме на претседателските избори и да креираме внатрепартиски политики коишто ќе верификуваат таква идна победа на парламентарните избори со цел во Македонија конечно да ги елиминираме простотилакот, примитивизмот и фашизмот што го промовира ВМРО-ДПМНЕ во последните 15 години“, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање на почетокот на реконструкцијата на улицата „Димитрие Чуповски“.

Прашан дали ќе даде оставка од функцијата градоначалник на Скопје, тој рече дека оставка даваат луѓе со интегритет, а политички интегритет покажале сите кои дале оставка од партиската функција.

„Во политиката ништо не е вечно, како дојдовме така е, логично, во еден даден момент да си отидеме. Ако добро ги следите, а би сакал добро да ги следите политиките кои ги креирав и стратегиите коишто ги креирав во изминатава една и пол година од како сум градоначалник, ќе видите и ќе знаете што сѐ Градот работи на изминатава година. Креирањето на тие политики и реализирањето на тие политики се нешто што допрва следува“, рече Шилегов.