Македонија
27. July 2017 - 15:56

Шилегов: Одложувањето на притворот им овозможи на Грујовски и Бошковски да избегаат

Потпретседателот на СДСМ Петре Шилегов денеска изјави дека одложувањето на притворите до правосилноста на решенијата за притвор им овозможиле на обвинетите Горан Грујовски и Никола Бошковски во случаите „Таргет“ и Тврдина“ на СЈО, да избегаат.

Шилегов оцени дека судските органи, пред се Апелацискиот и Врховниот суд, се ставиле во директна заштита на криминалот. 

- Смисленото бегство на Грујовски и Бошковски е доказ за нивниот страв од соочување со правдата и ги потврдува основаните сомненија за нивната вмешаност во делата за кои се товарат. Со недостапноста на обвинетите се потврдија основаноста и оправданоста за донесената мерка притвор. Но, истовремено, со ова се остава простор за останатите обвинети во случаите коишто ги води Специјалното јавно обвинителство за кои наместо притвор се донесени мерки на претпазливост, во секој момент да можат да избегаат и да станат недостапни, рече Шилегов.

Тој додаде дека со ваквите постапки се урива довербата на граѓаните во правосудството. 

- Срамното и криминално работење на Апелациониот суд во Скопје и Врховниот суд само ги потврди тврдењата на СДСМ дека дел од судството работи под партиска контрола и единствено во функција за заштита на криминалците. СДСМ како во изминатиот период, така и во иднина, ќе работи на професионализација на институциите, но и на покренување постапки за одговорност на судиите и судските органи кои работат непрофесионално, недоследно и во заштита на криминалот, рече Шилегов.