Македонија
30. October 2018 - 17:09

Шилегов не се согласува со невладините дека многу малку е исполнето од 39-те мерки за аерозагадувањето

Скопскиот градоначалник не може да го најде копчето со кое ќе го прекине загадувањето. Шилегов тврди дека активно работи за подобрување на состојбта преку повеќе проекти.  Наспроти обвинувањата на невладините дека интер ресорската група цело лето не се состанала за планот од 39 мерки, Шилегов тврди дека оваа информација не е точна и напротив градот активно се среќава и за една година исполниле 9 од мерките. Вториот јавен повик за субвенционирање печки на пелети ќе биде на први ноември иако грејна сезона е веќе започната.

- Комплексно е прашањето за амбиенталниот воздух не може да се реши на начин што градоначалникот ќе го најде копчето за да го прекине загадувањето Мора да се  променат и  навиките.А и ние како институции да поведуваме мерки што не се до крај популарни. 

Шилегов потенцира дека во тек е постапката со европската банка за обнова и развој за набавка на новите автобуси. До сега се чистеле и оџаците на домаќинствата кои се греат на огревно дрво. Постапката за враќање на дистрибуцијата на парното во градот се легализира, а Шилегов се надева дека зимава ќе може да започне гасификацијата.

- 50 до 70 милиони евра ќе чини гасификацијата да биде доведена до домаќинствата во Скопје. Тоа се само 10 проценти од сумата која претходната власт ја потроши на спомениците.

Загадувањето беше тема и на советничките прашања во градот Скопје каде градоначалникот повтори дека инспекторите вршат засилени контроли и за разлика од лани изрекле двојно повеќе казни на правни субјекти со Б лиценци а во периодот кој следува Шилегов најави  казни и за  правни но и за физички лица кои ќе  загадуваат.