Македонија
16. јуни 2021 - 15:23

Шилегов: Младите се моторот на едно општество, главната движечка сила што влече напред

Младите се моторот на едно општество, главната движечка сила што влече напред. Но, она што не смееме да си го дозволиме е да ви повторуваме сите „вие сте иднината, вие сте најдобри“ и тоа да останат само клишеа кои сами по себе ништо не значат, истакна градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на денешната јавна расправа „Од ветено до реализирано: Колку локалните младински политики беа во фокус на градоначалниците?“ што ја организираше Здружението Лидери за едукација, активизам и развој од Скопје.

– Она што отсекогаш најмногу ми се допаѓало кај младите луѓе е тоа што сакаат промени и истите ги сакаат веднаш. И супер е што е така, затоа што пак тоа е тоа што не движи напред. Секој политичар, секој носител на одлуки во една институција, во една држава, сака да ги има младите на своја страна, а за да ги има мора да ги забрзува процесите и да ги менува нештата кон подобро. И затоа младите се моторот на едно општество, главната движечка сила што влече напред. Но, она што не смееме да си го дозволиме е да ви повторуваме сите „вие сте иднината, вие сте најдобри“ и тоа да останат само клишеа кои сами по себе ништо не значат. И верувајте и мене тоа најмногу ме нервираше кога бев млад, и јас се бунтував против тоа. Она по што се разликуваме ние како политичка опција од другите е тоа што ние помалку се фалиме, а повеќе работиме и тоа вие најдобро го знаете, рече Шилегов.

Тој додаде дека во изминативе речиси четири години се сменети многу нешта во начинот на кој функционира градот и уште многу и ќе се менува, особено во делот на младинските политики.

– Во 2018 година кога за прв пат го распишавме јавниот повик за финансирање на програми, проекти, активност и манифестации за младите, од интерес на Град Скопје на истиот беа доделени 1.000.000 денари за финансирање на 16 здруженија кои учествуваа на овој повик со многу квалитетни проекти. Затоа во 2019 година ги зголемивме средствата за истиот овој повик на 1.781.000 денари кои беа распределени на 24 здруженија. Во 2020 година, која пак беше позната како ковид година, повторно ги зголемивме средствата, овој пат на 3.220.000 денари кои минатата година беа распределени на вкупно 51 проект од интерес на младите од разни здруженија и поединци. И морам да ви признам секоја година проектите се се поквалитетни што ни говори само едно, нам не ни недостасуваат млади со идеи и со визија за развој на младински политики, младите се тука. Се што треба да се направи е некој да го препознае тој квалитет и да го стимулира на вистински начин. И тука успехот е неминовен. Тоа не мотивираше да влеземе во уште една приказна која ја ветувавме минатите избори, а тоа е формирањето на локалните младински совети. За таа цел Советот на Град Скопје изгласа одлука за промена на статутот на Градот со цел да создадеме правен основ за формирање на овој совет кој е од исклучително значење за градските младински политики. Некаде на почетокот на месецов го потпишав решението за назначување на задолжен службеник за млади, така што да знаете тоа од пред два дена е мојот драг соработник Димитар Мечкаровски од Одделението за спорт и млади при Секторот за јавни дејности во Град Скопје, потенцира тој.

Исто така, тој дополни дека не треба да го спомнува фактот дека спортот и младите одат рака под рака бидејќи, како што рече, веќе исклучително се популарни меѓу нив двата памптрак полигони, апхил патеката на Водно за спортски велосипедизам, а се работи и на даунхил патека, прва од трите планирани, тартан патеката во Градски парк, редизајнот на зелените скверови (вкупно 5 на број) и двата зелени покриви, оној на ГТЦ и оној на Домот на градежници, а се надева дека истата посетеност ќе ја има одбојкарското игралиште на кејот во Аеродром кое вчера беше отворено.

– МКЦ немал никогаш побогата програма, а во делот на културата исклучително популарни беа концертите на филхармонија на отворено и кината на отворено во градскиот парк, концертите на градскиот дувачки оркестар во Ибни Пајко и на други локации во градот. Преку проектот „Култура во време на корона“ и „Спорт во време на корона“ поддржавме над 200 млади спортисти и уметници кои добија симболични паушали во првиот налет на корона кризата. Во делот на образованието ги реконструиравме сите средни училишта така што сега сите имаат енергетски ефикасни фасади, прозори и врати, а обезбедивме и прочистувачи за воздух во секоја училница. Обезбедивме бесплатен автобуски превоз за сите средношколци и за сите студенти независно од оддалеченоста на училиштата и факултетите. Воведовме стипендии за средношколци спортисти и средношколци со попреченост. Само во текот на минатата година доделивме стипендии за 120 средношколци спортисти во нето годишен износ од 24.000 денари. Во текот на последните 4 години доделени се над 12.000 субвенции за велосипеди и уште 600 субвенции за набавка на тротинeти. Иако стипендиите се однесуваа на сите граѓани, сепак најголем интерес будеа кај младите луѓе. Ќе подвлечам дека на ниво на Град Скопје и 10-те скопски општини промените во односот кон младинските политики се повеќе од видливи. Она што е поважно во моментов од потсетувањето каде бевме, а каде стигнавме, секако е дискусијата која ќе ни помогне заеднички да дефинираме каде сакаме да бидеме за 4, 8, 12 години од сега. Сосема за крај, кратко ќе порачам, бидете свои, борете се за своите права и менувајте го светот на подобро, нагласи Шилегов.

На јавната расправа учествуваа и Александар Наумоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и Иван Јованов, експерт за младинска политика.

Дебатата „Од ветено, до реализирано: Колку локалните младински политики беа во фокусот на градоначалниците?“ е организирана како дел од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) со наслов „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, спроведуван од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и Национален младински совет на Македонија.