Македонија
20. January 2020 - 15:12

Шилегов: Легално во земјава не е внесен опасен отпад, но треба да се провери

 

Според информациите со кои располагаме опасен отпад во земјава и во „Дрисла“ не е внесен, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, но сепак додава дека тоа треба да се провери и ги повикува и надлежните инстиутции и граѓанските организации да разменат доколку имаат информации за евентуални нерегуларности.

Ваков одговор даде градоначалникот денеска на прес-конференција по објавување на информацијата викендот дека во Бугарија е отворена истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери отпад од компаниајта „Блацион“ ООД во сопственост на Блаже Игнатов и Горан Ангелов, кој е директор на депонијата „Дрисла“.

– Градот Скопје не е орган кој на каков било начин е поврзан со увоз на отпад. И прашањето е за Царинската управа. Она што јас го имам како информација е дека легално не е внесен отпад во „Дрисла“, рече Шилегов на прес-конференцијата на која соопшти дека со депонијата „Дрисла“ повторно ќе управува Градот Скопје.

Според него, ако нешто е добро во таа работа е што се однесува на соседна држава, а не се однесува на градот Скопје, но, истакнува дека не може да биде исклучив во ниту еден одговор на таа тема и ги повика и надлежните институции по преземањето на Дрисла и граѓанските асоцијација, кои имаат определени сознанија за евентуални можни нерегуларности да ги разменат за да се дојде до фактичката состојба.

Шилегов потенцира дека нема сознанија дали депонијата има дозвола од 2016 година да депонира опасен отпад, но рече дека сепак тоа е нешто што сака да се провери.

– Немам такви сознанија. Јас она што во меѓувреме го општев со Царинската урпава како официјален орган преку кој влегува таков опасен материјал, зборуваме за легален влез, за илегален не можам да одговорам, нема таков внес на отпад, но сепак е тоа нешто што сакаме да го провериме, потенцира градоначалникот Шилегов.

Како што јавија бугарските медиуми завчера, Обвинителството на Бугарија започнало истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери со италијански отпад во пристаништето во Бургас од страна на компанијата „Блацион“ ООД, при што е утврдено дека содржината на отпадот се разликува од она што е декларирано на царинскиот документ.

МИА стапи во контат со управителот на „Блацион“ ООД, Блаже Игнатов и содружникот Горан Ангелов, кој поседува 15 проценти од компанијата, како и Италијанците Винченцо Трасари и Ецио Боче.

Игнатов посочи дека отпадот од пристаништето во Бургас требало да биде пренесен во Термоцентралата „Бобов дол“, но откако пристигнал отпадот, на бугарската ТЕЦ и истекла лиценцата за горење отпад.

Тој нагласи дека станува збор за пластика и гуми и оти тоа што е пронајдено – текстил, дрво, стакло, како што посочија од бугарското Обвинителство, е дозволено. Потенцираше дека тоа ќе го докажат и експертите откако ќе го испитаат отпадот.

Директорот на Депонијата „Дрисла“, Ангелов за МИА посочи дека не е вистина она што се наведува во бугарските медиуми и оти отпадот, доколку добие дозвола ќе се пренесе во ТЕЦ „Бобов дол“ или ќе се врати повторно во Италија.

На прашањето дали компанијата „Блацион“ ООД некогаш има остварено соработка со „Дрисла“, Ангелов рече дека никогаш немаат остварено соработка.

Игнатов истакна дека во земјата никогаш не бил увезен каков било отпад, бидејќи нема дозволи за тоа и дека тоа го работеле само во соседна Бугарија.