Македонија
8. November 2017 - 13:19

Шилегов: Ќе почне системско решавање на загадувањето на воздухот во Скопје

Градот Скопје, заедно со МВР, иницира законски измени со кои при техничкит преглед на возилата секое возило да може еколошки да се мапира и да добие налепница. Потоа градските власти ќе можат административно да ги исклучуваат возилата што реално придонесуваат за загадување на воздухот. 

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, ова денеска го соопшти по состанокот за аерозагадувањето во главниот град. Потенцира дека првпат почнува системски да се решава проблемот со загадувањето, како на воздухот така и на околината. 

- Очекувам дека тоа ќе можеме да го сработиме и во законска форма и дека до крајот на годината ќе помине пред Собранието на Република Македонија. До крајот на другата година би можеле да ги имаме мапирано возилата, во еколошка смисла, на територија на цела држава. И така административно да го забрануваме сообраќајот за возилата - загадувачи, рече Шилегов во Клубот на пратеници.

Тој појасни дека нема да има дополнителни финансиски импликации врз буџетот на граѓаните бидејќи и така секој граѓанин врши технички преглед во текот на годината. Разликата, како што рече, е што при мерење на издувните гасови, што некаде се спроведува, а некаде не, ќе може да се категоризира возилото, каква и колкава количина на издувни гасови има и согласно тоа да се мапира во еколошка смисла. 

Шилегов потенцира дека ова е само идеја и оти треба да се доработи. Секое возило би требало да добие соодветна боја на налепница како постојните што ги имаме при регистрација на возилата.

- И потоа, како градоначалник, да можам административно да забранам движење на возила со црвена, жолта или зелена налепница, во зависност како ќе бидат категоризирани. Правиме анализа на категоризација на возилата по издувни гасови, согласно правилата на ЕУ, рече Шилегов. 

Според него, мерката „пар-непар“ е неправична бидејќи има нови возила кои имаат парна регистрација и многу стари кои имаат непарна и кои, како што рече, реално повеќе го загадуваат воздухот. 

Шилегов повтори дека како ќе се зголемува загадувањето на воздухот ќе се воведе скалесто зголемување на цената на паркирање, а ќе има намалување на цената на јавниот градски превоз. 

- Идејата е да ги стимулираме граѓаните да го користат јавниот превоз во тие денови повеќе за да не плаќаат поскап паркинг. За на крај да дојдеме до една апсолутно висока цена на паркирање во централното градско подрачје, во однос на бесплатен јавен превоз во деновите кога е критична загаденоста, истакна Шилегов и додаде дека ќе има пуштено зголемен број на автобуси. 

Најави дека е подготвен и лично да го носи целокупниот правен ризик и да ги носи одлуките, независно од тоа дали некому му се допаѓале или не.

Скопскиот градоначалник рече дека греењето среднорочно ќе се реши со гасификацијата која, како што рече, веќе ја вети. Планирано е во следниот период да почнат разговори и преговори со операторот кој го користи централниот систем со цел да се овозможи евентуално намалување на цената на парното греење и стимулирање за приклучување на што повеќе домаќинства, од тие кои се откажале или никогаш не биле приклучени.