Македонија
21. October 2021 - 19:42

Шилегов: Граѓаните нема да дозволат државата и Скопје да се вратат назад

Граѓаните нема да дозволат државата и Град Скопје да се враќаат назад, нивната порака ја примивме и постапуваме, дополнително имаме окрепнување на гласовите со потврда од сите партии кои се дел од владината коалиција и неспорно е дека мнозинството граѓани ќе го одберат развојот на Град Скопје, порача вечерва кандидатот на СДСМ за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој нагласи дека политиките на градската власт мора да бидат во симбиоза со политиките и вредности на централната власт.

-Факт е дека Скопје е една третина од нашата држава, факт е дека во Скопје се најголемите економски активности и факт е дека во Скопје морате да имате симбиоза помеѓу Владата и градот. Невозможно е Градот да оди во еден правец, а државата во друг правец, рече Шилегов за ТВ Канал 5.

Во 27-годишното  владеење на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје пред моето доаѓање, додаде, последните 12 години имавме симбиоза помеѓу централната власт, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и локалната власт, кога беше во тој мандат Коце Трајановски.

-Видовме што добивме од тоа. Добивме Скопје со барок, Скопје без визија. Сега зборуваме за едно сосема поинакво Скопје, Скопје кое што се поврзува, интензивно се гради, се обидува во еден мандат да надомести она што 27 години било пропуштено, посочи Шилегов.

Пораките кои што би ги испраќал Градот под водства на Данела Арсовска, додаде, повторно би биле пораки на делба, на барок, на не развивање на градот затоа што е несомнено дека Арсовска е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

-Пораките кои би ги испраќала централната власт се пораки на интегрирање, на заедништво и тие едни со други се во конфликт. Ние во Скопје напорно работевме во изминатите четири години и јас со екипата, но и граѓаните. Во овој мандат  ние немавме конфликт меѓу средношколците што порано беше редовна појава. Сега како ние ќе креираме на државно ниво едно општество за сите кога овде ќе имате политичка структура која ги дели луѓето, потенцира Шилегов.

Оцени дека граѓаните на 31 октомври ќе се обединат и ќе дадат поддршка на концептот кој води напред, кон развој на Град Скопје и напредок на целата држава.