Македонија
26. October 2021 - 14:26

Шилегов: Да не дозволиме во Скопје да се троши на камен, стиропор и бронза

- Скопје мора да продолжи напред со создавањето на квалитетни услови за образование на нашите деца, нашите најсакани, но и за сите оние кои се во потрага по нови знаења. Омиленото место на вљубениците на вселената во Скопје и местото каде децата од цела земја се запознаваат со основите на астрономијата го опремуваме со современа техника и вршиме целосна реконструкција на просториите, обнова на ентериерот и системот за вентилација. Со оваа капитална инвестиција, МКЦ гордо ќе се носи со другите сродни европски центри, и ќе биде репрезент во 2022 година која е прогласена за Година на Европската младина, со овие зборови градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов ја започна денешната прес-конференција.

- Планетариумот на МКЦ местото каде што преку 50 генерации граѓани од целата држава учеа за вселената, сончевиот систем, галаксиите … единствениот Планетариум во државата функционира повеќе од 50 години, со дотраена машина, со поголема музејска отколку оперативна вредност. Заради пандемијата и немањето соодветна вентилација како предуслов за одржување на настани во затворен простор, Планетариумот беше затворен скоро две години, изјави Шилегов.

- Пред пандемијата Планетариумот функционираше во полн капацитет, со организирани посети на ученици од основните и средните училишта од целата држава. Покрај организираните посети на учениците, Планетариумот беше отворен за сите заинтересирани како и за специјализирани предавања за стручната јавност. Од 2018 година, Планетариумот во МКЦ работи со нов, динамичен тим на едукатори чии термини за предавања беа денови однапред резервирани, додаде Шилегов.

- Во следните 4 години Скопје добива целосно обновен Планетариум кој преку своите дигитални и оптички можности, покрај едукација и проширување на знаењето за астрономијата, овозможува и презентации за океанографија, климатски промени и други значајни теми за Земјата и вселената, нагласи Шилегов.

- Новиот Планетариум овозможува и адаптирање на самите предавања и презентации за разни целни групи – од предавања за претшколска возраст, до стручни предавања. МКЦ како институција која нуди едукативни и културни содржини за младите мора да зачува ја дејноста на Планетариумот. Преку набавка на нова машина за презентација, како и адаптирање и осовременување на просторот и содржините кои тој ги нуди според последните технолошки и дигитални трендови во образованието, Планетариумот ќе ја задржи смислата на своето постоење – да понуди квалитетни едукативни содржини за младите, но и за сите генерации, продолжува Шилегов.

- Новиот Планетариум се опремува е во целосна согласност со новите реформи за дигитализација во образованието, како и адаптација на факултативните едукативни содржини согласно најновите светски технологии. Затоа предвидовме и воведување на технолошки решенија за следење на самите предавања на повеќе јазици (македонски, албански, турски, ромски, англиски и др.). Ова е посебно важно за полесно разбирање и следење посебно кај најмладите посетители, но и отворање кон странските посетители и жители во нашата земја, потенцираше Шилегов.

- За сето ова да стане реалност во недела е потребен е вашиот глас. Ајде да се обединиме за прогресот на Скопје. Секој глас е важен. Секој глас одлучува. Да не дозволиме Скопје да се врати назад и наместо да вложуваме во едукација и образование, да трошат на камен, стиропор и бронза. Вие одлучувате. Скопје мора да продолжи напред. Нашите деца, сите ние го заслужуваме тоа, повика Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.