Свет
24. јуни 2021 - 10:32

Шестмина загинати при уривање на хеликоптер „Блек хоук“ на Филипините

Хеликоптер „Блек хоук“ (Црн јастреб), се урна на Филипините за време на ноќната обука, при што загинаа сите шест лица кои се наоѓале во леталото, соопштија денеска локалните власти.

Потрагата започна кога хеликоптерот Ѕ70i доцнеше со пријавувањето во воздухопловната база во градот Капас во провинцијата Тарлак, 92 километри северно од Манила, соопштија воздухопловните сили.

– Тројца пилоти и тројца припадници на вијацијата загинаа во несреќата која се случи синоќа. Целата флота на „Блек хоук“ е приземјена додека се спроведува истрагата за инцидентот, изјави министерот за одбрана Делфин Лорензана.

Мејнард Маријано, портпарол на авијацијата, истакна дека ноќната обука била спроведена пред „Блек хоук“ да биде целосно распореден во неговата мисија.

Хеликоптерот беше дел од 16 такви летала купени од полскиот производител Polskie Zaklady Lotnicze според договорот склучен во 2019 година, во вредност од 241,46 милиони долари.

Тој беше меѓу шесте единици испорачани во ноември минатата година. Уште пет беа доставени овој месец, а останатите треба да се испорачаат пред крајот на годинава.