Македонија
11. July 2017 - 15:53

Шестмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со писмо побараа Владата да го објави договорот со Бугарија

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Никола Попоски, Емил Димитриев, Трајко Вељаноски и Влатко Ѓорчев денеска упатиле писмо до премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров со кое бараат да се објави договорот со Бугарија и за него да се расправа во Собранието.  

Димовски на прес-конференција рече дека до пратениците пристигнале информации објавени на многу бугарски информативни медиуми дека пратениците во бугарското Собрание веќе добиле можност да направат увид и да го погледнат нацрт-договорот односно усогласениот договор помеѓу Република Македонија и Република Бугарија. 

- Тоа е објавено во бугарските медиуми и нас ни создаде дополнителна грижа и дополнителна одговорност да преземеме иницијатива како пратеници во Собранието во име на граѓаните и јавноста уште еднаш дополнително да побараме од Владата, од премиерот Заев и од министерот за надворешни работи Димитров да направат можност и пратениците во македонското Собрание да имаат увид во овој нацрт-усогласен договор со цел да се избегне каков било сомнеж за содржината и за целите на тој договор, рече Димовски.

На прес-конференцијата тој во целост го прочита писмото во кое се наведува дека, како што стои, во македонската јавност пристигнуваат информации од бугарските медиуми за наводни елементи на текст кој бил прифатен од македонската Влада во однос на содржината на билатерален Договор помеѓу двете земји.

- Во рамки на официјалната комуникација од македонски владини институции, срамежливо се потврдува дека текстот на Договорот е усогласен. Во јавноста се остава впечаток дека се прифаќа текст кој Владата посакува да го формализира надвор од очите на јавноста. Ваквата нетранспаретност е извор на загриженост. Собранието на Република Македонија, согласно Уставот и Законот за надворешни работи има носечка улога во водење на надворешната политика. Оттука, цениме дека загриженоста може да биде надмината преку споделување на нацрт-текстот или на усогласениот текст на договорот, со пратениците во Собранието на Република Македонија, како претставници на граѓаните. Тоа би било и во духот на ветувањата за транспарентност во работењето од страна на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, како и на Вашите изјави дадени пред Комисијата за надворешна политика дека текстот на договорот ќе биде споделен со пратениците во Собранието на Република Македонија, чија вклученост и поддршка самите ја побаравте, стои во писмото.

Тие бараат одговор дали Владата на Република Македонија се уште стои на тоа дека ќе работи заедно со опозицијата за прашања од национален интерес и гарантира транспарентност или веќе во првата прилика ги гази принципите што ги најави, а од опозицијата очекува да поддржи нивни договори без да може да учествува во процесот.