Џет-Сет
26. October 2016 - 13:05

Шестмина обвинети за објавување на топлес фотографиите на Кејт Мидлтон

Шест лица се обвинети во Франција за снимање и објавување топлес фотографии на Кетрин (Кејт) Мидлтон, војводката од Кембриџ.

Меѓу обвинетите се фоторепортер, уредници на локалниот француски весник „Ла Прованс“ и на неделникот „Клозер“, како и раководители на италијанската издавачка компанја „Мондадори“, која е сопственик на неделникот, кој има свои изданија и во Италија и во Велика Британија.

Сите шестмина се обвинети врз основа на францускиот закон за приватност.

Случајот потекнува уште од летото 2012 година, кога Кејт заедно со нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, беа на кус одмор во француската провинција Прованса.

Фотографиите на кои војводката се сонча на терасата на една приватна вила без горниот дел од нејзиниот костим за капење, беа направени од голема далечина со користење на телеобјектив.

Големата далечина предизвика фотографиите да не бидат јасни, но на нив сепак се гледа разголената Кејт, што предизвика голем гнев кај принцот Вилијам.

Тој и неговата сопруга побараа од француските власти кривична одговорност за фотографот и за сите уредници кои ќе ги објават фотографиите.

Лондонските медиуми кои ја пренесуваат одлуката на француското обвинителство, најавуваат деја судењето да се одржи во текот на идната година.

Кога сликите беа објавени, во текот на одбележувањето на дијамантскиот јубилеј на кралицата Елизабета, кралската палата во Лондон реагираше со соопштение во кое остро ја осуди „повредата на приватноста“ на младата кралска двојка.

Медиумите тогаш објавија дека големиот гнев кај Вилијам бил потикнат од сеќавањето за неговата покојна мајка, принцезата Дијана, за која тој смета дека била „жртва на папараците“, затоа што го следеа секој нејзин чекор додека беше жива.