Фудбал
31. May 2020 - 14:23

Шестмина фудбалери на Ренова и Шкендија заразени од Ковид-19: Потврда стигна од Македонскиот Синдикат на фудбалери

Денешната бројка на новозаразени од Ковид-19 во Македонија е 62, а дали во нив спаѓаат и шестмината фудбалери на тетовските клубови Шкендија и Ренова засега не е потврдено. 
 
Информацијата ја потврдија од македонскиот Синдикат на фудбалери кој го организираше првото тестирање на фудбалерите пред најавениот рестарт на ПМФЛ. 
 
„Денес за жал немаме убава вест. По вчерашните тестирања во двата тетовски клуба ФК Ренова и ФК Шкендија имаме позитивни случаи на Ковид-19.  По повторената анализа во лабораторијата на Аџибаден Систина за жал имаме позитивни случаи. Информацијата ја имавме уште касно синоќа, но чекавме повторена анализа. Затоа денешните тренинзи на овие два клуба беа откажани. Имињата на заразените се уредно доставени до Фк Ренова и ФК Шкендија во текот на денот. Позитивните на Ковид-19 веднаш ќе бидат ставени во самоизолација и домашен карантин. Четворица позитивни има во таборот на ФК Ренова и двајца во таборот на ФК Шкендија. Утре продолжуваме со тестирање и на другите тимови од првата Македонска лига“, се вели во соопштението на Синдикат на фудбалери на Македонија 
 
Повеќе од јасно станува дека по ваква разврска на ситуацијата невозможно е да има враќање на фудбалот на терените, особено ако се има во предвид дека веќе во двата клуба беа одржани и тренинзи па сега се поставува прашањето, дали и по евентуално ново тестирање, бројот на заразени ќе биде поголем?