Свет
20. July 2020 - 8:35

Шест типа на Ковид-19 откриени од британските научници

Британските научници од Кралскиот колеџ во Лондон анализирале податоци од апликации користени за следење на симптомите кај лица заразени со коронавирус. Истражувањата покажале дека постојат шест типа на болеста ковид-19. Секој тип има свој сет на симптоми.

Истражувачите откриле дека овие шест типа се поврзани со нивото на сериозност на инфекцијата и веројатноста пациентот да има потреба од помош при дишење – како што е третман со кислород или респиратор, доколку бидат хоспитализирани.

Студијата, објавена на интернет на 16 јуни, покажува дека постојат следниве видови ковид-19:

Тип 1, како грип без треска: главоболка, губење на чувството за мирис, болки во мускулите, кашлица, болки во грлото, болка во градите, без треска.

Тип 2, како грип со треска: главоболка, губење на чувството за мирис, кашлица, болки во грлото, засипнатост, треска, губење апетит.

Тип 3, гастроинтестинално заболување: главоболка, губење на чувството за мирис, губење апетит, дијареја, болки во грлото, болка во градите, без кашлица.

Тип 4, тешка форма на грип без треска: главоболка, губење мирис, кашлица, треска, засипнатост, болка во градите, замор.

Тип 5, тежок грип со треска: главоболка, губење мирис, губење апетит, кашлица, треска, засипнатост, болки во грлото, болка во градите, замор, конфузија, болка во мускулите.

Тип 6, тешка форма на абдоминално и респираторно заболување: главоболка, губење мирис, губење апетит, кашлица, треска, засипнатост, болки во грлото, болка во градите, замор, збунетост, болка во мускулите, скратен здив, дијареја, болки во стомакот.

Пациентите од типови 4, 5 и 6 се со поголема веројатност да бидат хоспитализирани и да им е потребна респираторна поддршка.

Студијата исто така покажува дека луѓето со симптоми од групите 4, 5 и 6 биле постари и ранливи, со прекумерна тежина и имале други хронични заболувања, во споредба со луѓето кои развиле типови 1, 2 и 3 од ковид-19.

Резултатите од ова истражување би можеле да им помогнат на лекарите да предвидат кои пациенти се со најголем ризик и на кои од нив ќе им биде потребна болничка нега во некои од следните бранови на епидемијата.