Македонија
11. November 2016 - 13:00

Шест милиони денари за НВО и спортски клубови во Македонска Каменица

Македонска Каменица планира да додели околу шест милиони денари за невладини организации и спортски клубови од општината за реализација на проекти кои ќе бидат од интерес за граѓаните на општината.

Ова денеска го изјави Васко Десподовски потенцирајќи дека општината на својата веб-страница го објави јавниот повик на кој граѓанските здруженија и спортски клубови ќе можат да аплицираат.

- Согласно со програмите за работа на Советот на општина Македонска Каменица за 2017 година, доколку ценат организациите дека треба да биде финансиски поддржана од Буџетот на општина Македонска Каменица некоја нивна активност, потребно е да достават барање до општинскиот Совет. Co барањето потребно е да се достави и тековна состојба, статут на организацијата, годишна програма за работа, наративен и финансиски извештај за последната година, како и листа на реализирани проекти, домашни и заеднички проекти со општината доколку здружението постои повеќе од една година, истакна Десподовски.

Тој додаде дека оваа финансиска поддршка на граѓанскиот сектор, општината ја спроведува со цел да ги поттикнат на поголема активност граѓанските организации, да има повеќе граѓанските иницијативи кои од свој аспект ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животот во оваа општина.

- Очекуваме со проекти да се пријават десетина граѓански организации, пред се, спортските клубови како ФК „Каменица-Саса“, КК „Баскет-Кам“, СРД „Шаран“, ЛД „Каменица-Саса“ и останатите граѓански здруженија, рече Десподовски.

Инаку, од општинскиот буџет е планирано да се финансира и реализацијата на годишната програма на Културно-информативниот центар „Романса“ за чија реализација се предвидени околу 3,5 милиони денари.

Јавниот повик е отворен до 30 ноември.