Македонија
4. April 2017 - 8:45

Шест македонски автори претставени во Софија

Пред многубројна публика во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија вчеравечер беа промовирани шест романи од помладата генерација македонски писатели преведени на бугарски јазик.  

Бугарските книгоиздателства „Персеј" и „Изида" во изминатите две години издадоа десетина книги на македонски автори, а на оваа промоција беа претставени романите „Вишновата хроника" од Фросина Пармаковска, „Куфер за тројца" од Живко Грозданоски, „Бездомникот со златен часовник" од Вера Калин, „Црвено и бело" од Михајло Свидерски, „Безимената месечева соната" од Давор Стојановски и „Очи со боја на чевли" од Петар Андоновски.

- Овие дела веќе предизвикуваат интерес кај бугарската читателска публика, а во Македонија беа финалисти на наградата „Роман на годината", Оваа генерација македонски писатели предизвикува исклучителен интерес и кај стручната јавност, но најмногу кај читателската публика. Наградувани се со бројни домашни, но веќе и со меѓународни признанија, информира КИЦ на РМ во Софија.

За авторите и нивните дела зборуваа Васко Шутаров, од име на домаќинот и иницијатор на овој проект - Културно-информативниот центар на Република Македонија, Пламен Тотев од име на книгоиздателствата „Персеј" и „Изида", и Тања Попова од име на преведувачите на овие дела.

- Интересот за конкурсот на Министерството за култура за поттикнување на превод на македонски автори во странство, имаше исклучителни резултати во книгоиздателството во Бугарија. Изминатите неколку години, преведени се и издадени повеќе од 25 дела, од сите литературни жанрови и од сите писателски генерации. КИЦ на Република Македонија веќе ги промовираше стихозбирките „Ѕвезден корен" од академик Анте Поповски и антологијата на современата македонска поезија „Портал на сонцето". До крајот на годината ќе бидат промовирани дела од академиците Влада Урошевиќ и Луан Старова, како и неодамна излезениот роман на Јулијана Величковска „Годишни времиња", наведува КИЦ на РМ во Софија.