Бизнис
27. September 2018 - 18:23

Шеснаесет нови проекти за развој на Пелагонискиот плански регион

Годинава со 35 милиони денари од буџетот на државата се финансиират 16 нови проекти во општините во Пелагонискиот плански регион, а тенденција на Владата е средствата за оваа програма секоја година да се зголемуваат и да се реализираат проекти кои што ќе имаат директно влијание на подобрувањето на условите за живеење, особено во малите и рурални општини, истакна заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески. 

Тој наведе дека Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион веќе го реализира Проектот за рурално претприемништво во вкупна вредност од 950.000 евра, што е финансиран од ИПА Програмата на Европската Унија, потенцирајќи ја можноста за користење на средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција.

- За проекти за прекугранична соработка со Грција од страна на Европската Унија на располагање се 45,5 милиони евра, рече заменик-министерот за локална самоуправа.

Павлески денеска во селата Могила, Пашино Рувци и Гермијан на лице место се интересираше за изведбата на проектите за регулирање на коритото на Црна Река и на нејзините притоки, рекострукцијата на патната инфраструктура и поврзување со регионалниот пат од Пашино Рувце, како и реконструкција на локална патна мрежа во село Гермијан.

- Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој оваа година за општините Крушево и Демир Хисар се набевени возила за собирање на отпад, во Битола, во Прилеп и во Ресен се зајакнати капацитетите на територијалните противпожарни единици, а се работи и на подобрување на социјалните услуги во општина Долнени, село Ропотово, каде што за таа намена целосно се реновираат и опремуваат административни простории, наведе Павлески. 

Тој денеска оствари средба со градоначалниците на Општините Могила, Јасмина Гулевска, на Кривогаштани Рубинчо Шефтероски и на Новаци, Љубе Кузмановски, при што разговараше за реализацијата на проектите за развој на Пелагонискиот плански регион, за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, финансирани од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа.