Македонија
3. July 2018 - 15:29

Шекеринска:Следната недела Македонија ќе ја добие поканата за членство во НАТО

Македонија следната недела ќе ја добие поканата за членство во НАТО, а за неколку месеци ќе почне процесот на ратификување на протоколите, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која информираше дека денеска на владина седница е усвоен Стратегискиот одбранбен преглед.

Министерката Шекеринска напомена дека земјата на церемонија во Брисел на Самитот кој е закажан за 11 и 12 јули ќе и биде врачена поканата за членство и оти конечно Македонија ќе стане дел од најмоќната воена Алијанса во светот.

Шекеринска напомена дека Македонија од 2004 година немала стратегиски одбранбен преглед и оти конечно како што и пред една година оваа Влада најави овој важен документ во сферата на одбраната е донесен.

- Успеавме да го завршиме во рок од една година овој амбициозен документ којшто е клучен и со којшто се дефинира одбраната и нејзиниот развој, се дефинира агендата во сферата на одбраната, рече Шекеринска и додаде дека Македонија ќе добие одбрана согласно стандардите на НАТО која ќе дава придонес за безбедноста на државата, но и целиот регион.

Новиот Стратешко одбранбен преглед е усогласен со новите предизвици на глобално ниво и во неговата изработка биле консултирани сите релевантни институции кои се надлежни во оваа сфера, меѓу кои и претседателот на државата. За одредени делови од Стратешкиот одбранбен преглед, како што рече Шекеринска, одлуките биле носени консензуално со Кабинетот на претседателот.

Со овој документ, рече Шекеринска, Македонија ќе добие модерна и флексибилна Армија која ќе ја гарантира безбедноста која континуирано ќе биде модернизирана и ќе јакнат нејзините оперативни способности. Предвидена е промена на структурата на АРМ, како и реорганизација на Министерството за одбрана со фокус на тоа да се обезбеди подобро менаџирање.