Македонија
6. March 2019 - 15:49

Шекеринска во Вашингтон: Тука сме да обезбедиме поддршка за што побрза ратификација на Протоколот за членство во НАТО

Во изминатава година успеавме да ги обезбедиме нашите стратешки цели, да ја добиеме поканата за членство во НАТО, да ги завршиме пристапните разговори, да добиеме потпишан Протокол за пристапување. Сега е потребно со иста концентрација, енергија и посветеност, да покажуваме домашни резултати но и да обезбедиме брза ратификација на Протоколот, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на првиот ден од работната посета на САД.

-Клучната цел која што ја имаме при посетата на Вашингтон е токму тоа, да го обезбедиме и продолжиме дијалогот со претставниците на извршната власт, меѓутоа и да се сретнеме со сенатори, конгресмени и влијателни личности и тинк-тенкови, кои може да го забрзаат и да го олеснат процесот на ратификација, истакна Шекеринска.

Таа нагласи дека целта на посетата е да се обезбеди поддршка за забрзување на процесот на ратификација на Протоколот за членство, соопшти Министерството за одбрана.

Министерката за одбрана на првиот ден од работната посета се сретна со претставници на Пентагон, учествуваше на НАТО Конференцијата за градење интегритет и одржа предавање на престижниот Национален одбранбен Универзитет.

„Градење силни и отпорни институции за јакнење на нашите партнерства“ беше темата на НАТО конференцијата, а на панел со помошникот генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, амбасадорот Алехандро Алваргонзалез, Шекеринска разговараше за предизвиците поврзани со транспарентноста, отчетноста и интегритетот во областа на одбраната.
 
-Ова е многу позитивен знак што, токму на оваа тема, НАТО не повика да зборуваме за политиките неопходни за да градиме интегритет во државата и во одбраната, политики кои создаваат доверба кај граѓаните. Според истражувањата на цивилниот сектор, Министерството за одбрана за една година направи крупен скок и се вброи меѓу првите три институции во државата според транспарентност, отчетност и интегритет, што е најдобар доказ за успешноста на реформите и најефикасен начин за борба против корупцијата, рече министерката.

НАТО конференцијата за градење интегритет е редовен настан кој се одржува секоја втора година, на кој високи претставници на државите членки и партнери на НАТО, невладиниот сектор, меѓународни организации и експерти, разменуваат мислења за најдобрите практики во борбата против корупција и јакнење на интегритетот на институциите.

На маргините на конференцијата Шекеринска имаше куса средба со амбасадорот Алваргонзалез, на која тој ја реафирмираше поддршката за полноправно членство на земјата и изрази надеж за побрза ратификација на Протоколот.

Шекеринска се обрати и на Националниот универзитет за безбедност на тема „Република Северна Македонија во НАТО – унапредување на безбедноста на Балканот“, каде зборуваше за исчекорот во интегративните процеси, придонесот кон регионалната стабилност и економскиот ефект од членството во НАТО.

Нагласи дека напредокот е резултат на силното лидерство на Владата која успеа да ги затвори отворените прашања со соседите и да спроведе реформи.

Министерката пред присутните студенти, академската заедница и претставниците на тинк-тенк организации, одговараше на прашања поврзани со регионалната стабилност и улогата на Северна Македонија како извозник на стабилност и лидер на позитивните промени во регионот.

Пред обраќањето, министерката Шекеринска се сретна и со претседателот на Универзитетот вице-адмиралот Фриц Роег, со кого разговараше за досегашната плодна соработка на полето на образованието од областа на одбраната и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на сајбер безбедноста.

На покана на шефот на Бирото на националната гарда на САД генерал Џозеф. Л. Ленгејл, Шекеринска во придружба на началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, присустуваше на прием по повод стратешкото партнерство на нашата Армија со Националната гарда на Вермонт.

На приемот, на кој присуствуваа значајни гости од Националната гарда на Вермонт, Пентагон и Националниот колеџ за безбедност, беше реафирмирана силната поддршка за членство на РМ во НАТО и побрза ратификација на Протоколот за пристапување.