Македонија
8. March 2019 - 14:55

Шекеринска: Сметаме на брз и ефикасен процес на ратификација на Протоколот за членство во НАТО

 Заменик претседателката на Владата и министер за одбрана Радмила Шекеринска во рамки на посетата на САД, чија цел е да се забрза ратификацијата на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО, во Белата куќа се сретна со директорот за европски прашања Вилијам Беркли и со советничката на потпретседателот на САД Мајк Пенс, Лаура Габриел Кован.
 
Шекеринска, стои во денешното соопштение од Министерството за одбрана, рекла дека на средбите во Пентагон и во Стејт Департментот и било пренесено оти подготовките за ратификација на протоколот се во тек. Во Сенатот има надеж дека процесот во САД ќе почне есенва, со цел ратификацијата да биде комплетирана пред Самитот на НАТО во Лондон.
 
– Високите претставници на Белата куќа ја пренесоа силната поддршка на САД за членството на Северна Македонија во НАТО и упатија честитки за силното и инспиративно лидерството-пример за храброст, пожртвуваност и фокусираност кон иднината на Владата, која преку реформските процеси и силната политичка волја, како што рекоа, обезбедила аргументи со кои ја освојува поддршката и од најголемите скептици, се подвлекува во соопштението од МО.
 
На средбите со високите претставници во Стејт департментот, Мајкл Марфи и Стенли Браун, Шекеринска добила честитки за Договорот од Преспа, штој ја претставува нашата земја „како успешна приказна за Балканот и за цела Европа“.
 
Тие високо ги оцениле реформите во одбраната и ги оцениле како силни аргументи за заложбите за побрза ратификација на протоколот.
 
Помошник секретарот во Стејт департментот Мајкл Марфи потенцирал дека најавата за достигнување на 2 проценти од БДП за одбраната и издвојувањето на 20 проценти од буџетот на одбраната за модернизација, се реформски мерки кои во САД имаат поддршка и од републиканците и од демократите.
 
 
 
Како што стои во соопштението, влијателниот тинк тенк „Германски Маршалов фонд“ организирал дебата со министерката Шекеринска, на која таа ги објаснила заложбите за побрза ратификација на протоколот.
 
– Важно е успехот да биде потврден што е силна порака за регионот, рекла Шекеринска.
 
Земјите кои веќе го ратификуваа нашиот протокол за членство во НАТО, сите се од регионот, што е, подвлекла Шекеринска, огромна промена во споредба со времето пред 20 години.
 
– Мислам дека сите ја научивме лекцијата дека ако сакаме на нашата земја да и биде подобро и да биде безбедна, треба истото да го посакуваме и за нашите соседи. Тоа е голема победа не само за нас туку и за регионот. Ние сметаме на брз и ефикасен процес на ратификација, очекуваме наскоро да станеме полноправна членка на НАТО, работиме напорно на домашните реформи во одбраната, владеењето на правото, медиумите, реформите во разузнавачкиот сектор, и сметаме на ЕУ – да испорача на нивниот Самит во јуни. Големиот успех може да биде сигнал и пример за регионот, истакнала Шекеринска.
 
Претходно, во рамки на посетата на САД, министерката Шекеринска имаше средби со нејзиниот американски колега Патрик Шанахан и со американски сенатори.