Македонија
10. October 2019 - 14:54

Шекеринска: Сакаме со соседите да бараме решенија, а не игра на уцени, притисоци, кавги

Како Влада покажавме капацитет, трпение и мудрост на одредени прашања да најдеме решение, на некои прашања дури да имаме и различни ставови. Ќе градиме пријателства и ќе се трудиме да ги решаваме проблемите. Важно ни е што денеска можеме да кажеме дека сите наши соседи цврсто не поддржаа да станеме членка на НАТО и на ЕУ. Тоа не беше лесно и тоа не беше стандард во сите изминати години. На тој начин зрееме и ние како држава, мислам дека зрее по малку и регионот. Така ќе ги решаваме и идните предизвици.

Ова е одговорот од министерката за одбрана Радмила Шекеринска на новинарско прашање да ја коментира поддршката од Бугарија за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, но со одредени дадени услови.

– Меѓудржавните односи особено помеѓу соседи се секогаш, како викаат, воркинг прогрес, постојано има прашања кои ќе се изнесат на маса и дилемата е само дали ќе се трудите да ги решите или ќе се оддалечите повеќе, изјави денеска Шекеринска.

Нашата држава, нагласи таа, во историјата платила огромна цена затоа што не била присутна на маса кога за неа се одлучувало. Тоа, подвлече, сакаме да го направиме и во НАТО, тоа сакаме утре да го правиме и во ЕУ.

– Меѓутоа, првото правило што ќе го научите е дека ако не сте уште на масата не треба да лицитирате што ќе се случи. Ние очекуваме преговарачките рамки да бидат дефинирани согласно европските принципи, согласно европските вредности, а се разбира и согласно со принципот дека со соседите мора да се најдат решенија. Условувањата некогаш се покажуваат како корисен инструмент, некогаш се покажуваат како катастрофа и за регионот и за соседите. Сакаме со нашите соседи да бараме решенија, а не да ја играме играта на уцени, притисоци, кавги и прекинување на разговорот. Така ќе постапиме и во иднина, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска.