Македонија
5. January 2019 - 15:06

Шекеринска: Протоколот за НАТО ќе биде готов веднаш по ратификацијата на Договорот во Грција

 Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО ќе биде подготвен во моментот кога Преспанскиот договор ќе биде имплементиран и ратификуван од двете страни. Очекуваме дека нашиот дел од обврските ќе ги спроведеме навреме согласно плановите, и оти истото ќе го направи и Грција, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

– Чекорите во врска со имплементацијата на Договорот од Преспа како и потпишувањето на протоколот за НАТО беа разговарани со претставници на НАТО. Чекорите беа дефинирани во Договорот од Преспа но беа дефинирани и секојпат кога дискутиравме со НАТО официјалните лица но и со Грција. За да може се ратификува протоколот на НАТО, тој протокол мора НАТО да го подготви. Сите претставници на НАТО, почнувајќи од генералниот секртар од самиот почеток на овој процес ја испратија пораката дека протоколот ќе биде подготвен во моментот кога преспанскиот договор ќе биде имплементиран и ратификуван од двете страни. Ние очекуваме дека нашиот дел од обврските навреме согласно планови ќе ги спроведеме. Очекуваме дека истото ќе го направи и Грција, рече Шекеринска на новинарско прашање по посетата на Караулата на АРМ Богородица на јужната граница.

Според неа, тоа практично значи дека зборуваме за неколку недели и очекува дека веднаш по ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент многу брзо ќе биде изготвен НАТО протоколот и веднаш ќе биде ставен на дневен ред на грчкиот Парламент.

–Тоа значи дека практично од февруари Македонија ќе ја исполни својата стратешка цел. Ќе седнеме на масата на која се носат најважните одлуки што се однесуваат и на нашиот регион и на мирот и стабилноста во светот.  Затоа и 2019 година е толку важна година затоа е важно и она што се сработи минатата година. Долги години зборуваме за НАТО, долги години велиме дека безбедноста на Македонија ќе биде многупати зголемена со нашето членство. Сега е моментот тоа што сме го зборувале да го реализираме, порача Шекеринска.