Бизнис
13. July 2019 - 16:21

Шекеринска од РЕК Битола: Троен ефект со либерализацијата на пазарот на струја

РЕК Битола има рекордно производство, ниски трошоци, а дел од парите кои останаа може да се инвестираат во еколошки проекти, истакна при денешната посета на комбинатот, вицепремиерката Радмила Шеќеринска.

-Очекуваме до крајот на годината да имаме договор со кој целиот систем на заштита на животната средина ќе се модернизира и ќе се подобрат петкратно перформансите. Ако досега границата била 100 милиграми, сега таа паѓа на 20 милиграми и тоа овозможува производството да тече со намалено влијание негативно врз животната средина, рече Радмила Шеќеринска, вицепремиер и министер за одбрана.

Првата фаза од евалуацијата на понудите за реконтрукција на електростатските филтри во РЕК Битола е завршена.

-Од девет пристигнати понуди, седум продолжуваат во следна фаза. Сметам дека на овој проект треба да посветиме особено големо внимание, тежок проект, над 20 милиони евра. Проект на кого не смееме да ги направиме грешките од минатото, кога се направиле со ревитализацијата на котлите – кога се дадоа парите, а не се постигнаа перформансите. Очекувам постапките да ги завршиме до крајот на годината, да имаме избран економски оператор и следствено на тоа следните три години по една година да ги правиме филтрите на секој од блоковите, рече Васко Ковачевски, директор на РЕК Битола .

Иако изминатиот период се создала паника дека либерализацијата на пазарот со електрична енергија ќе значи зголемување на цените на струјата, последните одлуки на Владата и на Регулаторната комисија покажале дека со домаќинско работење можно е да се постигне тројна цел, потенцираше Шеќеринска.

-Едната цел ни беше електричната енергија да биде на располагање по исти цени за граѓаните, втората да го зголемиме домашното производство на електрична енергија на сметка на поранешниот увоз и третата цел, која што ја исполнивме, воведувањето на евтината тарифа на струјата. Сите овие три работи беа возможни само ако домаќински се работеше во електраните, а особено во електраната која го носи целото производство, тоа е РЕК Битола, рече Шеќеринска.

Од РЕК Битола истакнаа дека се направени ремонтите на Блок  1 и Блок 3, а преостанува капиталниот ремонт на Блок 2, како и капиталната инвестиција на разладната кула на Блок 2 со која ќе се извади 3.500 тони азбестно-цементен материјал кој потоа соодветно ќе се складира.