Македонија
27. September 2018 - 21:46

Шекеринска од Берово: Да излеземе во недела масовно и да гласаме за европска Македонија

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска вечерва беше со граѓаните на Берово, каде што беа разменети мислења за придобивките за Македонија и сите граѓани од членството во ЕУ и НАТО, преку и перспективите кои се создаваат.

Шекеринска од Берово порача дека не можеме да чекаме уште 27 години и дека е време да изградиме држава по европски правила.

- Одлуката нема да ја донесат оние што ќе останат дома в недела на 30 септември, туку тие што ќе излезат да гласаат и затоа да излеземе масовно и да гласаме „за“, рече Шекеринска.

Додаде дека во сите земји од регионот кои станале членки на НАТО - Хрватска, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Романија, се намалила невработеноста и се зголемиле платите и оти овие држави, како што рече, сега не можат да се препознаат бидејќи се сменија на подобро.

Шекеринска посочи дека досега за Берово од фондовите на ЕУ биле издвоени пет милиони евра и дека во мала општина ваква директна помош може да биде од голема корист.

Пред граѓаните на Берово таа ја пренесе посветеноста на Владата на социјалната заштита и ги информираше за зголемената социјална помош речиси за три пати, како и за бришењето на 16 извршителски трошоци од тарифата за наплата на долгови.

- Во недела не седете дома, бидејќи оваа недела е ден за историска одлука, ден за гласање за нашата иднина, им порача Шекеринска на беровчани.

Шекеринска во Берово имаше средба и со младите на која се разговараше за перспективите на младата генерација и неопходноста од членство на Македонија во НАТО и ЕУ како услов за шанси за работни места и поубав живот.