Македонија
13. October 2020 - 16:34

Шекеринска: Ние вложуваме во добрососедство, го очекуваме тоа и од Бугарија

Нема добрососедство со наметнување на решенија. Бугарија беше земјата која го врати Западен Балкан на ЕУ агендата и очекуваме и сега, таков вид на однесување од источниот сосед, вели министерката Шекеринска.

Коментирајќи ги заканите и директните најави од нејзиниот бугарски колега Каракачанов за блокада за Македонија, Шекеринска со став – како политичари, платени сме и избрани да воспоставиме стабилност и безбедност во регионот.

“И нашиот влог кон таа стабилност и безбедност мора да биде добрососедството, мора да биде решавање на проблемите. И обично решавањето на тие работи е подобро, ако разговараме со аргументи и желба да се најде решение, а не со емоции и со обид да се наметне решение. Ние вложуваме во тие добрососедски односи и очекуваме тоа да го направи и Бугарија. Дефинитивно, одлуките кои ќе бидат донесени до крајот на годината ќе влијаат позитивно или негативно на тие односи”.
Говорејќи со внимателност за шансите Македонија конечно да ги почне преговорите со ЕУ до крајот на годинава, министерката вели дека се зависи од политичарите.

Ставот го дели и бугарскиот аналитичар Крастев.

Крастев е оптимист дека до блокада од бугарска страна нема да дојде, велејќи дека би било лошо за неговата земја да го изгуби капиталот кој го стекна за време на бугарското претседателство со Унијата.