Македонија
12. November 2019 - 16:44

Шекеринска не очекува одложување на изборите поради НАТО - Холандија ја почна постапката за ратификација на протоколот

Две ратификации ја делат Македонија до полноправно партнерство во НАТО, откако холандскиот сенат попладнево го ратификуваше Пристапниот протокол за членство на Македонија во Алијансата.

„Среќен сум што можам да ѝ посакам добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, дополнително зајакнувајќи ја Алијансата и придонесувајќи на евроатлантската безбедност“, напиша на Твитер Стеф Блок, шефот на холандската дипломатија.

По денешната холандска ратификација, Франција и Шпанија остануваат последните земји, кои формално не го одобриле нашиот пристап во Алијансата.

Иако францускиот амбасадор најави дека ратификацијата кај нив ќе се случи до крајот на годинава, очекувањата на македонските власти се дека таа ќе помине во парламентот до лондонскиот Самит.

Ситуацијата е најнеизвесна во постизборна Шпанија, која чека нова влада.

“Според најавите, првата седница на шпанскиот Парламент ќе биде почетокот на декември. Секое шпекулирање сега, ќе биде само шпекулација. Многу внимателно ги следиме настаните, ја испраќаме континуирано пораката дека е многу важно за нас, но и за регионот, нашето членство час поскоро…”

Може ли пролонгираниот прием во НАТО да ги одложи парламентарните избори закажани за во април во земјава?

“Јас се надевам дека не. Одлуката е донесена, има консензус и се работи на тоа изборите да бидат на 12 април...”

Македонските пратеници ќе чекаат до средината на февруари да го ратификуваат Протоколот за прием во НАТО, бидејќи во тој период треба да се распушти Собранието во пресрет на изборите.

Инаку, чекајќи го полноправното членство, нашата армија продолжува со зајакнување на капацитетите. Кадетите во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ отсега ќе имаат можност да се обучуваат со најсофистицирана информатичка опрема, донација од Кралството Норвешка.