Македонија
10. July 2019 - 14:35

Шекеринска: Младите да се пријават за пилоти во Армијата, загарантирано е работното место

Сите млади девојки и момци државјани на нашата земја, кои ги исполнуваат условите, да се пријават на конкурсот за обука на пилоти, повика министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска по посетата на Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, по повод новиот конкурс за кандидати за обука за воени пилоти.

Шансите се отворени за сите кои ќе ги исполнат критериумите, потенцира таа и додаде дека со тоа стекнуваат шанса и за загарантирано работно место во Армијата.

– Во измените во законот што треба да биде испратен во Собранието, предвидуваме дури и во периодот на обука на пилотите да обезбедиме финансиски надомест за пилотите да знаат дека им е загарантирано местото, но и да имаат финансиска сигурност додека се на обука, изјави Шекеринска.

Центарот за обука на пилоти, потенцира полковник Валентин Ивановски, проект менаџер во Центарот, со својата опрема и методите што ги применува, овозможува завршените кандидати веднаш да се вклучат во воздухопловната бригада и да ги прифатат стандардите на НАТО, кои ни се потребни за нашето идно членство.

– Обуката на симулаторот овозможува работа на комуникациско-навигациски системи кои ни се потребни во нашата интеграција во воената структура на НАТО силите, рече Ивановски.

Капетаните Ангел Владимиров и Љубомир Панев, пилоти кои завршиле во овој Центар, а сега вработени во Армијата, ги повикаа младите да се пријават на конкурсот затоа што, како што рекоа, неописливо е чувството да бидете дел од облаците.

– Со обуката во Центарот можеме да се носите рамо до рамо со сите останати земји во регионот и пошироко, вели Владимиров.

Неговиот колега Панев појасни дека целата обука која трае 18 месеци се одвива на англиски јазик.

– Ги охрабрувам сите млади да се пријават, да пробаат.Зависно од потребите по обуката не распоредуваат на транспортни или на борбени хеликопетри. Јас сум за борбен хеликоптер за што имам завршено преобука, истакна Панев.

На новинарско прашање дали се планира модернизација на воздухопловите на Армијата како идна земја членка на НАТО, Шекеринска нагласи дека согласно утврдениот долгорочен план за развој на одбранбениот способности, што е испратен кај претседателот на државата за мислење, а до крајот на месецот треба да стигне и во Собранието, точно се знае не само деловите во кои има потреба од модернизација, туку и во кој период ќе се случува.

–  Планот е некаде после четири години да отпочнеме со замена на старите хеликоптери со нови, западна платформа, прилагодени на стандардите на НАТО и ќе можеме повеќе да соработуваме со сојузниците, изјави Шекеринска.

Таа информира дека треба да се донесе одлука дали да има различни хеликоптерски единици во различни институции или тие да бидат во еден центар. Смета дека држава како нашата со скромни буџети, подвлече, мора да биде рационална со своите ресурси и во таа насока оцени дека ни треба еден центар што ќе ги опслужува, одржува, ќе ги користи и ќе се придржува кон највисоките стаадарди за квалитет и за безбедност.

Еден од принципите на НАТО, што ќе ни одговара нас како мала земја е т.н. „Паметна одбрана“ и од тој аспект „Ер полисингот“ односно најголемиот дел од државите во нашиот реигон ги користат сојузничките капацитети за контрола на своето небо.

–  Тоа ќе го направиме и ние. Веќе ги завршивме преговорите со Грција околу техничкиот аранжман и се надеваме дека во тој проект ќе се приклучи и Бугарија. Ние на оперативно ниво имавме серија консултации со грчката страна за да се изведе тој пробен лет, требаше целосна подготовка и соработка помеѓу двете страни. Тој помина многу успешно, изјави министерката за одбрана Шекеринска, додавајќи дека се очекува ова прашање и правно да се регулира со Грција.

Инаку, по објавениот конкурс ќе се направи селекција на осум кандидати кои ќе ја посетуваат обуката во Центарот за пилоти.

Конкурсот за воени пилоти за потребите на Армијата е во тек и трае до 1 август 2019 година. МОже да аплицираат државјани на Република Северна Макеоднија, не постари од 28 години, со завршен прв циклус на студии односно со стекнати најмалку 180 кредити.