Македонија
21. September 2019 - 12:57

Шекеринска – Метнар: Со членството во НАТО Северна Македонија станува важен играч за регионот но и за ЕУ

Со членството во НАТО, Северна Македонија станува важен играч за регионот, но и за Европската Унија, било истакнато на денешната средба на министерката за одбрана Радмила Шекеринска со нејзиниот чешки колега Лубомир Метнар во Острава

На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, била истакната долгогодишната успешна соработка во одбраната меѓу двете земји и континуираната поддршка за нашето членство во НАТО и за почеток на преговори со ЕУ.

Шекеринска изразила задоволство што чешката страна минатата седмица го ратификуваше Протоколот за прием во НАТО, посочувајќи дека членството на Северна Македонија во Алијансата значи влог во безбедноста и стабилноста на целиот регион.

-Тесната соработка што ја остваруваат Република Северна Македонија и Западен Балкан со земјите од Вишеградската група (В4) чиј лидер е во моментов Чешката Република е одличен пример за тоа како треба да соработуваат земјите во рамките на еден регион но и помеѓу регионите, истакна министерката. „Република Северна Македонија е долгогодишен близок партнер на Чешката Република во Западен Балкан, а со членството во НАТО станува важен играч за регионот, но и за ЕУ. Со ратификацијата на Протоколот и со вашата континуирана поддршка покажавте дека Чешка знае да го вреднува постигнатиот напредок во нашата земја и дека взаемната почит и соработка ќе продолжат и во иднина во рамките на НАТО каде наскоро ќе станеме полноправна членка, нагласила Шекеринска.

Чешкиот министер Метнар ја истакнал нашата земја како успешен пример во регионот на градење на пријателски односи со соседите и за тоа ги посочил договорите со Бугарија и со Грција и изразил надеж дека полноправното членство во Алијансата ќе се случи што поскоро.

Министерот Метнар посочил дека Чешката Република со нетрпение чека да ја види Северна Македонија во НАТО каде што двете земји ќе продолжат да соработуваат. Тој додал дека нашата земја е важен партнер на Чешката Република и дека ужива целосна поддршка на планот на добивањето датум за преговори за нашата земја.

Двајцата министри разговарале и за донација на опрема за нашата Армија од Република Чешка, како и за австриската иницијатива за регионална Воена академија и нашата заложба седиштето да биде во Скопје, за што чешката страна изразила целосна поддршка.

Министерската средба, како што соопшти МО, се одржа на маргините на меѓународната манифестација „НАТО денови“ чиј домаќин традиционално е чешкиот град Острава и на чие свечено отворање денеска присуствуваше и министерката Шекеринска заедно со министрите за одбрана од В4 – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. На оваа најголема изложба од одбраната и безбедноста учествуваат 18 НАТО и партнерски земји кои ги прикажаа најновите технолошки достигнувања во нивната воена и полициска опрема.