Македонија
14. September 2017 - 18:49

Шекеринска: Македонија повторно се гледа како кредибилен субјект на меѓународната сцена

Договор за набавка на 3.000 војнички пантолони, започната постапка за реконструкција на два објекта во касарната „Гоце Делчев“ и Илинден во Скопје, враќање на фокусот во клучните реформи во одбраната и членството во НАТО... се дел од реализираните активности на Мниситерството за одбрана за кои денеска информираше министерката Радмила Шекеринска за сработеното во првите 100 дена.

- Затекнав екстремно намален буџет во Армијата, намален буџет во одбраната, недостиг на елементарни услови за секојдневни извршувања на обврските на војниците, застареност и неодржување на опремата, нарушени односи,... рече Шекеринска.

Информираше за потпишани долгови од 82 милиони евра, а само на неколку дена пред заминување на старата Влада биле поништени, за недоволно пари за исплата на плати во Министерството за одбрана и Армијата, како и за отвореноста на тајните документите за службени патувања во земјава и странство за кои рече дека се трошело недомаќински, а од друга страна војската немала основни услови за работа.

Министерката рече дека и покрај заложбите на сите влади за членство во НАТО затекнала запрени реформи во одбраната и одлагање на сите клучни процеси. - Наместо секој ден залагање поблиску до посакуваната цел за членство во НАТО, секој ден со недомаќинско работење во одбраната се повеќе се оддалечувала од таа цел, истакна Шеќеринска.

Нагласи дека за овие три месеци вратен е фокусот во клучните реформи во одбраната и членството во НАТО.

- Се обврзав дека ќе се посветам и на зајакнување во меѓународниот углед и позиција за нашата држава и нејзината консензуална декларирана стратешка цел, членство во НАТО. Се обврзав дека ќе се посветам во обезбедување на неопходните реформи кои ќе ја зголемат нашата безбедност и кои ќе гарантираат професионална и ефикасна армија. Во изминатите 100 дена со задоволство можам да кажам дека Македонија повторно се гледа како кредибилен субјект на меѓународната сцена, истакна Шекеринска.

Меѓународната заедница и НАТО, додаде таа, ја препознаа нашата решеност да ја искористи оваа втора шанса после 11 години стоење во место. - НАТО е сериозна организација, нејзините членки се сериозни држави, а членството во таква организација се добива само ако исполните сериозни и тешки критериуми.  Членството во НАТО за Македонија значи многу повеќе во исполнување на зацртаната цел, членството значи сигурни и безбедни граѓани, значи постигнат економски раст кој носи и повисок животен стандард, рече Шекеринска.

Според министерката Македонија дека е сериозен партнер на НАТО го докажала со учеството во заедничките вежби и во мировните мисии за кои Македонија добива пофални зборови.

- Предложивме, а Владата се согласи дека во идните буџети секоја година средствата определени за одбрана,  средствата определени за нашата безбедност  за членството во НАТО ќе се зголемуваат кон обврската за 2 проценти од БДП, информираше Шекеринска.

Министерката рече дека затекнала целосна блокада на процесот на изработка на стратегискиот одбранбен преглед, кој според неа, е клучниот документ за државата кој овозможува да градиме консензус во политиките на одбраната и којшто ќе  ја придвижува Македонија кон НАТО. Информираше дека Министерството започнало да работи на тој документ и дека е обезбедена поддршка од САД, Велика Британија,  Бугарија, како и НАТО Канцеларијата во Скопје.

- Негрижата на претходното раководство се откри и во нереализираната обврска согласно колективниот договор да се даде помош на семејствата на вработените коишто биле опфатени со поплавите. Неправдата ја исправивме и ги обештетивме сите семејства, сите коишто страдаа за време на поплавите, истакна Шекеринска.

Таа информираше дека во изминатите недели разговарала со претставниците на четирите синдикати за лошиот стандард и услови за работа на војниците, а било констатирано дека заедничка цел е политиката за подобрување на состојбите која почнува на врвот на хиерархијата, да стигне до секој војник.