Македонија
25. April 2019 - 13:15

Шекеринска: Кадровски поместувања веднаш по изборите

И изјавите на премиерот и изјавите на сите нас покажаа дека има разлика. Во моментов имаме Влада која знае да ги слуша граѓаните, а не да ги слуша по телефон, која знае да прифати пораки, а не да казнува за такви пораки. Не е случаен фактот дека овие избори што се одржаа во идеална атмосфера, коинцидираа и со последните извештаи за медиумски слободи кои покажаа дека нашата држава за некои 25 места го подобри рејтингот. Тоа значи дека Владата не може да се крие ниту зад реклами, ниту зад контролирани медиуми, туку го дава својот максимум и мора да слушне што ќе кажат граѓаните.

Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање за најавата на премиерот Заев за кадровски промени.

– Премиерот кажа дека пораката е примена и дека токму поради таа порака ние ќе правиме кадровски поместувања веднаш по изборите, кога и законски имаме право тоа да го правиме. Првата екипа ќе биде одлучувана и од страна на премиерот, но не сметам дека кадровските поместувања ќе се ограничат исклучиво на владиниот состав туку на она што се вика извршна власт и на она што се вика неисполнување на еден дел од очекуваањата на граѓаните, рече Шекеринска по акцијата за садење на 150 садници во близина на кејот на реката Вардар, како дел од акцијата за борба против аерозагадувањето и заштитата на животната средина.

Фокусот, како што рече, навистина ни беше на големите државни прашања и на тие покажавме резултат, што значи Владата покажа дека таму каде што точно знаеме што сакаме и каде го даваме максимумот резултати има.

– Тоа не е така во сите сектори и токму поради тоа веднаш по изборите овие кадровски поместувања ќе покажат дека кога постои слобода и кога и медиумите и граѓаните не чувствуваат страв за да го кажат своето мислење, тогаш владите функционираат подобро, а државата оди напред,

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули за најавените промени во ресорното министерство, смета дека тоа е одлука на премиерот.

– Секој си оценува како работел, но одлуката е на премиерот, односно на мандатарот, рече Макрадули.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов изјави дека бил вклучен во претседателската кампања и во првите 20 дена, а и претходно. Додаде дека е присутен во медиумите скоро секој ден, без рзалика дали е кампања или не.  

– Комплексно е прашањето во смисла дали сум се пронашол во изјавата. Секој од нас е должен да се пронајде во таа изјава затоа што секој од нас сноси одговорност затоа што сме лица избрани од граѓаните на нашата држава. Во моментот кога стапувате на таа функција, вие веќе сте одговорен за таа функција. Ова не е време во кое треба да се утврдуваат индивидуалните одговорности, ова е време во кое ние како раководство на СДСМ сме фокусирани на избор на претседател бидејќи кажав – не ја казнувајте државата ако сметате дека СДСМ треба да биде казнет, рече Шилегов.

Тој изрази надеж и уверување дека изборите во мај ќе бидат фер и демократски како што беа во првиот круг.

– Откако ќе го избереме претседателот, внатрешно е потоа прашањето на нашата политичка партија за утврдување индивидуална одговорност за носители на функции, рече Шилегов.