Македонија
14. March 2020 - 15:53

Шекеринска: Игри со политики не се дозволени во сегашната криза со коронавирусот

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска смета дека никој не треба во оваа ситуација да ја става политиката на прво место, како коментар на новинарско прашање околу иницијативата на ДУИ за активирање на нивни членови кои треба да обезбедат помош на граѓаните. Таа потенцираше дека граѓаните се јавуваат и нудат помош што покажува дека сите се свесни дека спречувањето на коронавирусот е заедничка задача.

– Мислам дека сме во таква ситуација во која никој не бил помислил прво да води сметка за политика, а потоа да води сметка за кризата. Ова не е наша криза, ова е светска криза. Околу нас се затвораат граници, околу нас бројот на заболените драматично расте. Игри со политики не се дозволени и не мислам дека некој ќе помисли и ќе планира такво нешто. Се разбира дека е добро кога од сите страни добиваме иницијативи да се помогне, рече Шекеринска.

Таа процени дека институциите како ретко досега покажале дека на своите граѓани можат да им обезбедат и да им гарантираат брза и навремена реакција.

– Сето друго го сметам како иницијатива да се помогне, но сето вмешување на политика во една криза број еден во цел свет ќе биде казнето од страна на граѓаните. Сега е момент кога ние треба да си ги заборавиме партиските книшки, а да се потсетиме на наши обврски како граѓани, и особено на обврските како институции. Навистина ги повикувам сите политички партии да сфатат дека ова е прашање на живот, на здравје на огромен број наши граѓани. Ако ние го трошиме нашето време на играње политика, а не на водење на држава, ќе изгубиме драгоцено време, истакна Шекеринска.

Министерката кажа дека Регионалниот штаб е во координација со Црвен крст со цел да се искористат волонтерите кои имаат и одредена подготовка и искуство.