Македонија
28. November 2019 - 8:29

Шекеринска и Димитров на средба со Јанковиќ пред самитот на НАТО во Лондон

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на дипломатијата Никола Димитров  денеска во пресрет на Самитот на НАТО во Лондон, кој ќе се одржи на почетокот на следниот месец, ќе се сретнат со шефот на канцеларијата на Алијансата во Скопје, полковникот Зоран Јанковиќ.

По состанокот Шекеринска, Димитров и Јанковиќ ќе дадат изјави за медиумите.

Министерката за одбрана вчера изјави дека воен претставник во Мисијата во НАТО се очекува да биде избран и испратен до Лондонскиот самит.

Во Министерството за одбрана веќе бил распишан интерен оглас за пројавување интерес за оваа позиција и оти има листа на потенцијални кандидати.
 
– Имаме список на кандидати кои што ги исполнуваат одредените критериуми и уште во текот на денешниот ден ќе имам средба со претседателот и ќе разговараме за предлозите што јас ги имам или што тој ги има. Очекувам ова прашање навистина да се реши во следните денови. Подготовките за Самитот се веќе завршени и ние таму одиме со в.д. Амбасадор, појасни Шекеринска додавајќи дека именувањето на амбасадор во Мисијата во НАТО е во надлежност на МНР.

Дваесет и седум амбасадорски места сè уште не се пополнети, некои се мошне важни дипломатски центри за земјава, како САД и НАТО. Во Мисијата  во НАТО како в.д. амбасадор на веб-страницата на МНР е наведен Зоран Тодоров.

Како можен кандидат за мисијата на почетокот на месецот се споменуваше советникот на премиерот Зоран Заев, Дане Талески.