Македонија
22. November 2017 - 12:05

Шекеринска - Грабар-Китаровиќ: Македонија има сили и поддршка за целосна интеграција во ЕУ и НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во рамки на официјалната посета на Хрватска се сретна со хрватската претседателка Колинда Грабар – Китаровиќ.

Од Министерството за одбрана соопштија дека на средбата биле потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји и поддршката од страна на Хрватска за интеграција на Македонија во НАТО и Европската унија.

- Имате сили, имате многу пријатели, имате искрена и безрезервна поддршка од Хрватска на вашиот евроатлантски пат, изјавила Грабар – Китаровиќ на средбата.

Министерката Шекеринска ги истакнала приоритетите на Владата и актуелните политички, општествени и одбранбени реформи во Република Македонија.

- Ние не го бараме членството како подарок. Посветено работиме да го заслужиме нашето членство во НАТО и ЕУ. Максимално сме фокусирани на унапредување на состојбите преку решавање на отворените прашања, а не одбегнување на истите, посочила Шекеринска на средбата.

И двете соговорнички се согласиле за потребата од интензивирање на соработката во регионот и негова натамошна евроатлантска интеграција. Претседателката Грабар – Китаровиќ упатила поддршка за реформски ориентираната Влада на Република Македонија и нејзините напори за исполнување на потребните критериуми во евроатлантските интегративни процеси.