Македонија
3. May 2018 - 21:18

Шекеринска: Фокус на домашни реформи

Врз база на сегашните и претходните средби што сум ги имала  одговорно тврдам дека потезите  што ги направи Македонија не само во поглед на преговорите за името, во поглед на аеродрoмот и автопатот, покажаа дека, од вселената Македонија е заинтересирана за решение, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска  вечерва во гостувањето во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Врз основа на сето тоа што го понудивме, потенцираше, на сите им е јасно дека Македонија e заинтересирана за решение.

- Преговорите може да успеат само ако двете страни тоа го посакуваат и ако во еден  момент најдеме решение со кое и двете страни можат да живеат и да го спроведат. Се повеќе од тоа е барање само на виновник, рече Шекеринска, оценувајќи дека  во целиот процес Македонија кај меѓународната заедница е доживеана како зрела, одговорна и концентирана држава.

Како што вели, за интеграциите на Македонија и во НАТО и во ЕУ постои подготвеност  да помогнат и САД  и други пријателки членки.

Не смета дека има притисок, туку дека има и ќе има сериозно охрабрување и до нас и до Грција ќе има и има. Мислам дека тоа се одвива и на ниво на ЕУ  и на ниво на НАТО заради тоа што  ова едно прашање ги пресекува двата гордиеви јазли, рече Шекеринска.

Таа  порачува дека Македонија  во секој случај мора да продолжи со домашните реформи и доколку годинава не биде примена во НАТО.

- Фокусот мора да биде на нашата стретешка цел. Денес Македонија нема покана за НАТО и Македонија си ја гарантира сопствената безбедност. Она што нам ни останува како опција е да не го изгубиме фокусот којшто сега го имаме на домашни реформи и во случај да влеземе во НАТО и во случај тоа да не се случи, наведе Шекеринска, дополнувајќи дека кризата во 2015 не ни се случи дека не бевме во НАТО и ЕУ, туку поради лошата внатрешна состојба.

Според неа, реконструкцијата на Владата ја одложиле поважни прашања и се прават анализи.   - Сакавме да се прошири и сакаме да се прошири парламентарното мнозинство и бидејќи има одреден број партии кои сакаат да влезат во Владата разговараме на повеќе фронтови, рече Шекеринска, оценувајќи дека треба да има реконструкција за да се добие подобра коалиција.

Таа смета дека поголема слабост на Владата се одредени функционери, отколку министри. Реконструкцијата е добра шанса не одредени луѓе да завршат во немилост, туку едноставно ни треба ваква екипа за вакви резултати. Тимот мора да продуцира постојано резултати, наведе Шекеринска