Македонија
28. јуни 2019 - 11:13

Шекеринска: ЕУ едногласна дека нема аргументи против преговори со Северна Македонија

Во интервју за европскиот веб портал Еурактив, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вели дека одлагањето на одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија не е „најдобрата политика“ и дека министрите на ЕУ едногласно се согласија дека нема аргументи против започнувањето на процесот.

-ЕУ министрите одлучија да се навратат на прашањето за неколку месеци. Она што беше едногласно изразено е дека нема реален аргумент за одбивање почеток на пристапни преговори со Северна Македонија, одговара Шекеринска на прашањето за разочарувањето од одлагањето на датумот за преговори.

Но, нагласува министерката, одлуката за одлагање на датумот „не е најдобрата политика“ со оглед на напорите вложени од македонска страна.

-Минатата година, списокот на очекувања од ЕУ страната беше доста долг и можеби многумина мислеа дека нема да бидеме способни да испорачаме во толку кус временски рок, имајќи ја на ум тешката политичка агенда, бидејќи сите домашни реформи требаа да одат паралелно со преговорите со Грција, референдумот и уставните измени. Но, успеавме да испорачаме и затоа дури и најкритичните проценувачи на нашиот напредок мораа да се согласат дека го направивме нашето, за жал сега се доцни во испорачувањето од страна на ЕУ, објаснува Шекеринска за Еурактив.

Според неа, трите месеци одлагање нема да ги сменат работите, и Северна Македонија ќе продолжи да испорачува, но дека во прашање е кредибилитетот на ЕУ како глобален и регионален актер.

На прашањето дали за Северна Македонија ќе беше подобро да се одвои од Албанија, Шекеринска не одговара директно, но потсетува дека земјата е кандидат за членство од 2005-та.

-Чекавме и изгубивме многу време во последните 14 години. Но, во последните две години покажавме дека надоместуваме за изгубеното време, бевме трпеливи и ефикасни и мислам дека сите се согласуваме – и ЕУ и ние – дека заслуживме почеток на пристапните преговори, вели министерката за одбрана, која беше на чело на Секретаријатот за европски прашања кога нашата земја го доби кандидатскиот статус за ЕУ.

Околу можноста во Грција на власт да дојде Нова Демократија и со тоа да се проблематизира европскиот пат на Северна Македонија и Преспанскиот договор, министерката за одбрана вели дека и покрај тоа што НД има забелешки за договорот од Преспа, ставот е дека ќе се почитува.

-Вистинското прашање е каков регион сакаме за нашите земји? Цврство верувам дека значењето на Преспанскиот договор не беше само НАТО и ЕУ, тој е нова содржина, нов пристап во нашите билатерални односи. Се надевам дека идните грчки влади, без разлика каков ќе биде нивниот состав, ќе продолжат да создаваат услови за поевропски Балкан, порационален Балкан, Балкан поотворен кон соседите, и во случајот, попросперитетен Балкан, вели министерката.

Запрашана за тензиите со Бугарија, Шекеринска вели дека ќе има предизвици по патот, но дека заедничката комисија е создадена за да се стави крај на навиките да се гледа историјата како муниција против соседите.

-Верувам дека двете земји и двете влади повторно ќе бидат способни да ја зграпчат прилика и да покажат дека научија од грешките, вели министерката.

Радмила Шекеринска, која учествуваше на министерскиот состанок на НАТО за одбрана, вчера се обрати и на настанот на Германскиот Маршалов Фонд познат како „Бриселски Форум“.

–Новиот, поинаков начин на политичко размислување и однесување го смени курсот кој го имаше мојата земја. Кога бевме избрани како нова Влада, пред две години, бевме убедени дека сакаме да ја промениме состојбата на статус – кво и дека ќе воведеме еден нов тип на однесување кон нашите соседи. Ги зголемивме стандардите во однос на нашата демократија, владеењето на правото, слободата на медиумите, за помалку од една година успеавме да имаме пробив во односите со Бугарија и го решивме, „замрзнатиот“ проблем на Балканот, проблемот со името со Грција. А, се покажа дека кога ја рушите таа состојба на статус – кво, светот тоа го препознава, рече министерката на настанот.