Македонија
27. April 2018 - 11:17

Шекеринска: Членството на Македонија во НАТО ќе создаде нова надеж за Балканот

- Бараме поддршка од САД за Македонија да добие покана за членство во НАТО оваа година, зашто еден таков пробив може да има позитивно влијание, кое ќе создаде нова надеж на Балканот, истакна заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на тркалезната маса во Вашингтон организирана од американскиот Атлантски совет, со што ја почна  официјалната посета на Соединетите Американски Држави.
 
На тркалезната маса на тема „Балканот и членството во НАТО низ призмата на Македонија: Високи влогови во однос на глобалната безбедност и судбината на демократијата во една мала земја“, Шекеринска зборуваше за Балканот и предизвиците со кои се соочуваше во минатото, за политичката криза во Македонија и новите реформски процеси, како и враќањето на земјата на патот кон евроатлантските интеграции.
 
- Овие 10 месеци сериозно се фокусиравме на домашните реформи и на подобрување на добрососедските односи. Се насочивме на прашања кои беа во сржта на евроатлантската интеграција – слободни медиуми, владеење на правото, меѓуетнички односи, отпорност на институции“, рече министерката.
 
Навраќајќи се на настаните во Собранието кои се случија на денешен ден минатата година, Шекеринска рече дека лани на 27 април Македонија го допре дното.
 
- Настанот можеше целосно да излезе од контрола и се закануваше да ја однесе државата на чекор до граѓанска војна. Ние имавме оформено мнозинство во парламентот и сите очекуваа да биде избрана нова, реформски ориентирана влада, кога луѓето што сакаа се да остане по старо видоа дека насилството им е единствениот начин што им остана. За среќа обидот беше неуспешен, рече Шекеринска.
 
Како пример за новата реалност и демократските промени, го спомена медиумскиот пејзаж и видливите подобрувања во оваа област.
 
- Ние сме новата ѕвезда на последниот извештај на Фридом хаус, кој вели ’Македонија ја има најголемата шанса за демократски пресврт во Европа’. Прв пат по 2010 година ние гледаме подобрување во секој од критериумите. Медиумите се слободни да изберат кого ќе критикуваат, вклучувајќи ја и Владата, но ова е како демократијата треба да изгледа, рече министерката.
 
Шекеринска посочи дека Владата вложува многу во односите со соседите, споменувајќи го договорот за добрососедство со Бугарија кој се потпиша за помалку од два месеци по изборот на Владата.
 
- Овој договор отвори огромни можности за двете страни. И Македонија и Бугарија се презентираа како земји кои се зрели и заинтересирани за иднината и земји кои се однесуваат европски, рече министерката. Додаде дека тоа резултирало со самодоверба Владата да се вклучи во решавање на клучниот проблем во односите со Грција – името, со јасна одлучност да се обиде да најде решение на ова долгогодишно прашање.
 
 
Шекеринска се осврна и на реформските процеси во одбраната и Армијата.
 
- Оваа Влада покажа дека е одлучна да ги смени тенденциите - оваа година го зголемивме нашиот одбранбен буџет за 15 посто, ги зголемивме платите за целиот воен персонал за 10 проценти, донесовме одлука од 2019 година да го зголемуваме буџетот годишно за 0,2 процентни поени и го зголемивме нашето учество во Авганистан за 20 проценти, истакна Шекеринска.
 
Атлантскиот совет е една од највлијателните тинк-тенк организации во САД и важен форум за дискусии поврзани со економските и политички промени кои го дефинираат 21 век, кој има влијание врз креаторите на американските политики и одлуки. Тркалезната маса ja организираше Иницијативата за трансатлантска безбедност, како дел од Атлантскиот совет, а ја модерираше нејзиниот претседател Магнус Норденман.
 
Шекеринска во Вашингтон имаше средби и со конгресмените Дејвид Прајс, демократ од Северна Каролина и Питер Роскам, републиканец од сојузната држава Илиноис, како и со Елизабет Обеги, советничката за надворешна политика на сенаторот од Аризона, Џон Мекејн. Министерката ги образложи владините реформи вклучувајќи го и напредокот во реформите во одбраната, препораката за отворање на преговорите со ЕУ и демократските процеси во Македонија како и напредокот во меѓуетничките односи во земјата. Претставниците од американскиот Конгрес ја потврдија поддршката за членството на Македонија во НАТО и ЕУ и ги истакнаа стабилноста, безбедноста и развојот на демократијата во земјата како значајни за регионот.
 
Во текот на денешниот ден, министерката Шекеринска ќе има одвоени средби со заменик – помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер, како и со  високи претставници на Стејт департментот.