Балкан
8. February 2017 - 10:47

Шефот на ЦИА утре во посета на Турција

Директорот на американската Централна разузнавачка служба (ЦИА), Мајк Помпео утре ќе ја посети Турција, откако тоа беше договорено во телефонскиот разговор синоќа меѓу претседателите на САД и Турција, Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган.

За време на неговата посета се планирани разговори за безбедносни прашања, соопштија турските власти. 

Една од темите на средбите на Помпео со неговите турски соговорници ќе биде борбата на Турција против движењето предводено од исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, а кого Анкара го обвинува дека го организирал неуспешниот пуч во јули минатата година. 

Турските власти наведуваат дека разговорите со шефот на ЦИА ќе бидат посветени и на прашањето за сириските курдски борци, кои Анкара ги смета за терористи, поради нивната поврзаност со курдските бунтовници, чија Курдска работничка партија (ПКК) е забранета во Турција.